24 Април, 2024
0.0253

Колку пари изнесоа петмината најголемите странски акционери?

Објавено во: Анализа 11 Јули, 2017

Добивај вести на Viber

Петмината величенствени од добивките за 2016 година изнесоа над 71 милиони евра. Од нив речиси 50 милиони евра завршија кај три грчки компании

Странците кои се доминантни сопственици на акции во „Стопанска банка Скопје“, НЛБ Скопје, „Каменимост комуникации“, Цементарницата УСЈЕ и ОКТА се најдобитните акционери кои добија дивиденди од ланските добивки на овие компании. Кога ќе „се удри црта“ вкупно од земјава сопствениците на овие компании по основ на дивиденди од земјава изнесоа над 71 милиони евра (во бруто износ). Во петмината величенствени три се грчки компании: „Национална банка на Грција“, „Хеленик петролеум“ и „Титан“. На нивните конта се префлени речиси 50 милиони евра!

Најголем удел во износот на девизи од земјава по основ на дивиденда има Стопанска банка Скопје. Таа за лани подели дивиденда во износ од 127 денари за акција. Националната банка на Грција има 94,64 отсто од акциите со право на глас. Таа доби дивиденда од 34,012 милиони евра во бруто износ. Тоа е безмалку половината  од целиот износ на дивиденда на „петмината величнествени акционери“.

Втора на листата на величенствените е уште една грчка инвестиција. Станува збор за грчката корпорација за производство на цемент „Титан“ која преку холандската компанија поседува 94,84 отсто од акциите во скопската фабрика за производство на цемент и градежни материјали која работи одлично. „Титан“ за лани доби дивиденда во износ од 14 милиони евра.

Трета на ранг листата е словенечката Нова љубљанска банка која е доминантен сопственик во НЛБ Банка Скопје. Словенечката банка доби 12 милиони евра за своите 86,97 отсто од акциите со право на глас.

Во петорката е и „Каменимост комуникации“ најголемиот акционер во големата македонска телекомуникациска компанија „Македонски телеком“. За лани нивната дивиденда од работата на „Македонски телеком“ е 10,2 милиони евра во бруто износ. „Каменимост комуникации“ е сопственик на 51 отсто од акциите во „Македонски телеком“.

Најмалку добитен од петте најголеми е „Хеленик Петролеум“ најголемиот акционер во скопската рафинерија ОКТА. За лани оваа компанија на најголемиот сопственик на акции во исплати добивка во износ од 1,22 милиони евра. „Хеленик петролеум“ поседува 81,51 отсто од акциите со право на глас во ОКТА.

Р.Ф.