29 Март, 2024
0.0249

Дали ќе ја дочекаме прославата на нашата економска независност?

Објавено во: Колумни 09 Септември, 2013

Добивај вести на Viber

Во изминатите 22 години безмалку се е кажано за политичката независност на нашата земја. Постојано се дискутира за референдумот со кој ја стекнавме независноста, за градењето на институциите на системот, за спорот со името, за надежите и разочарувањата поврзани со приемот на Република Македонија во НАТО и во Европската унија. Се разбира, сите прашања се гледаат низ политичка призма, а ставовите на аналитичарите се во директна корелација со нивните навивачки афинитети кон „Манчестер Јунајтед“ или кон „Челзи“.

Што е со економската независност? Дали имаме што да јадеме или со празни стомаци ќе ги следиме „натпреварите помеѓу црвените и сините“?

Економската независност може да се анализира од повеќе аспекти. Во овој случај нема да се осврнам на економската независност на државата. Може до бескрај да се анализираат бруто домашниот производ, надворешниот и внатрешниот долг на државата. Може да се кажат неколку збора и за буџетскиот дефицит или за дефицитот на тековната сметка од билансот на плаќања. Што фајде од тоа? Станува збор за статистички показатели, за бројки. Во нашата земја никогаш не важело правилото дека пред фактите и боговите молчат. Речиси секој наш граѓанин има свои „факти“ и свои „богови“. За да бидат работите уште „поинтересни“, економијата е таква област во која можете да заземете било каков став за одредено прашање и секогаш да бидете во право. Економијата не е егзактна наука. Во тоа лежи нејзината убавина и нејзиното проклетство во исто време.

Ако ја оставиме на страна економската независност на државата, убаво би било да ја разгледаме независноста на поединецот. Да видиме дали обичниот граѓанин е економски независен или мора да „игра така како што ќе му свират“.

Економската независност на граѓанинот, по дефиниција, се изразува преку неговите лични примања. Ако личните примања на граѓанинот му овозможат да живее без помош од другите (за начинот и стилот на живот во друга прилика), тогаш тој граѓанин е независен. Ако тие примања не се доволни, граѓанинот станува зависен од изворите на дополнителни средства со кои треба да живее онака како што знае и умее. Значи, накратко, економската независност на индивидуата зависи од тоа дали таа индивидуа доволно заработува или мора да бара пари од други извори.

Ако ја земеме како репер горната дефиниција, ќе дојдеме до заклучок дека ретко кој од нас е економски независен. Со оглед на големината на нашите лични примања, потребите што ги наметнува нашето секојдневие и висината на животниот стандард, најголемиот дел од нас зависат од дополнителни извори на финансиски средства. Како дополнителни извори на средства можат да се јават родителите, банките, евентуалната дополнителна работа и сл.

Тешката економска ситуација и бесперспективноста ги прават младите да бидат економски зависни од своите родители. Нивниот образовен профил многу често не е усогласен со барањата на пазарот на трудот, постојана работа немаат, станбеното прашање исто така не им е решено, а основањето на семејството го оставаат за „подобри времиња“. Тие млади се принудени ги „крпат“ дупките во личниот буџет со платите или пензиите на нивните родители. Апсолутно се ирелевантни приказните дека младите на Запад се осамостојувале на 18 години, а нашите млади биле мрзливи, па и на 30 години чекале пари од мама и тато. Кога ние ќе ги имаме животниот стандард и стапката на невработеност што ги имаат САД или Германија, тогаш ќе можеме да правиме такви компарации. Се дотогаш ќе кажуваме приказни и ќе гледаме како истите тие млади заминуваат во САД или Германија во потрага по подобар живот.

Оние млади коишто успеваат да најдат колку – толку пристојна работа, заработуваат колку да ги задоволат основните егзистенцијални потреби. Знаеме дека просечната плата изнесува околу 350 евра, ама во тој просек влегуваат и оние „што не знаат колку пари имаат“. Голем дел од вработените заработуваат под овој просек, па за решавање на станбеното прашање, реновирање или купување на автомобил се принудени да земат кредит од банките. Со оглед на тоа што најчесто станува збор за долгорочни кредити, а каматните стапки се високи, луѓето стануваат (пре)задолжени. Постојано имаат потреба од дополнителни извори на финансии во вид на кредити. Кога еден кредит ќе биде вратен, искрснала некоја нова потреба и мора да се земе нов кредит. Така се влегува во еден маѓепсан круг на задолженост од кој скоро и да нема излез. Дури ни пензионирањето, па ни морбидниот крај што не чека сите нас, не значат крај на долговите. Нив им ги оставаме во наследство на нашите деца и внуци.

Ги има и такви што остваруваат дополнителни приходи по пат на „втора работа“ – попладне или за викенд, членуваат во разни управни и надзорни одбори или заработуваат на некој друг начин. Доколку поради ваквите дополнителни активности не трпи нивната основна работа, секоја чест. За жал, во трката по пари некои од нив забораваат која им е основна работа, па само физички се присутни на редовното работно место, а ментално се на „алтернативната локација“, односно таму каде што ги остваруваат дополнителните приходи.

Деновиве ја прославивме политичката независност. Прославата ја разубавија победите на нашите кошаркари и фудбалери уште во петокот. Браво! Секоја чест на спортистите, тие се нашите најголеми амбасадори во светот.

А економската независност? Кога ќе го славиме денот на нашата економска независност? И со кои пари?

д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?