20 Април, 2024
0.1540

Аграрната политика во изборната програма на ВМРО ДПМНЕ

Објавено во: Агробизнис, Колумни 09 Декември, 2016

Добивај вести на Viber

 Аграрната политика претставена во изборната програма на ВМРО ДПМНЕ претставува континуитет на аграрната политика која досега ја водеше Владата на РМ. Имено генерално таа политика, подржана со релативно високи суми финансиски средства е доста, популарна бидејќи се карактеризира со повеќе популистички мерки за додворување на земјоделците (избирачите), отколку посилна подршка со мерки насочени кон националните интереси. По друго објаснување нема од тоа, кога со големи финансиски средства се подржуваат производи кои немаат никакво економско значење за македонската економија, кои ги одгледуваат можеби по неколку производители и кои статистиката не ги опфаќа во своите податоци, поради што не се знае колку ангажираат обработливи површини и колку производство се добива. Еве кои се тие  поместени во Програмата за финансиска подршка во 2017 година: хељда, сирак, просо, лен, афион, памук, шеќерна репа, хмељ, мушмули, дуњи, потоа директна парична подршка се предвидува, (а и досега се практикуваше) за полжави, ноеви и шарпланински кучиња. Покрај наброените производства за чија подршка непотребно се трошат средства, чудна е и подршката на одгледување на цвеќе, на садници за брзорастечки шумски садници и декоративни растенија, па дополнително плаќање за оризот, кој е потрошувач на енормни количини на вода, а проблем е неговиот откуп заради ниска конкурентност во извозот. Наместо производство на ориз над домашната потрошувачка, на тие површини треба сериозна подршка за одгледување на ефтина добиточна храна и ориентација на земјоделците за производство на добиточни производи за чиј увоз трошиме високи суми на долари (евра). Например за увоз на млеко 50,3 милиони долари а за увоз на месо 109,4 милиони долари годишно (2014 год., според Дневник од 01.III.2016 год. и 06.VIII.2016 год.). Во низата погрешни и непотребни трошења на средства, не се сваќа потребата од ревизија на односот на средствата за директна подршка помеѓу растително производство  и сточарството која е околу 30% за сточарство а 50% за растително производство и покрај тоа што сточарството покажува постојано опаѓање на главните видови добиток (по број) и на производство особено на месо, но и на јајца, мед и др. Бројот на говедата во 2015 година во споредба со 1991 година (од осамостојувањето) е намален за 29,9 илјади грла, а на овците за над 1,5 милиони грла. (Статистички годишници на РМ 1991 и 2015).

За жал од набројаните примери за нерационален (нестручен) пристап во распределбата на финансиските средства за подршка на земјоделството има релативно „покрупни“ грешки па дури и неразбирливи концепции како што е: стимулирање на промената на сеидбената структура во насока намалување на површините под жита, за да се зголемат површините под зеленчук, овошје и грозје. Во услови кога површините под жита се далеку недоволни за да се задоволи домашната потрошувачка и перманентно намалување на пченицата како главен извор на основна храна на македонското население, чие производсто денес (2015 год.) е помало од тоа во 1991 год. за 139.529 тони (1991година–340.747тони, а 2015година 201.218 тони, весник Нова Македонија, 24–25.IX.2016 год.) и кога за увоз на жито се трошат 101,4 милиони долари годишно (Статистички годишник на РМ-2015), се стимулира натамошно намалување на површините под жита? На сметка на жита се стимулира производство на зеленчук кој е важен за извозот, но дел од кој често останува несобран. Земјишната политика е најважен сегмент од аграрна политика на секоја држава. Анализирана македонската земјишна политика од осамостојувањето на земјата (1991 г.) до сега благо кажано е погубна по македонското земјоделство а особено по производството на храна. Во 1991 година земјоделска површина регистрирана во СГРМ-1991година изнесувала 1,295 милиони хектари, а обработливата 664 илјади хектари. Во 2015 година земјоделската површина е помала за 32 илјади хектари, додека обработливата е намалена за 153 илјади хектари или годишно сме губеле по над 6,1 илјада хектари обработлива површина. Последните неколку години, според статистичките годишници скоро да не се менува обемот на обработливи површини што е неточно, бидејќи во јавноста се изнесуваат податоци за изградба на бројни слободни индустриски и економски зони во близина на големите населени места, затоа е сигурно дека се веќе покриени со бетон и асфалт уште неколку десетини илјади ха обработливи површини покрај оние 153 илјади хектари. На ова упатува и фрапантен повик од Изборната Програма на ВМРО ДПМНЕ да се спроведува „брза трансформација на земјоделско во градежно земјиште.“ Во земја која во Европа е на трето место според најмала обработлива површина по жител и земја која има недостиг од храна за 40% од потребите на населението, да води односно да не води рационална земјишна политика покажува апсолутна некомпетентност и кусогледост. Да потсетиме дека ние увезуваме храна во вредност до околу 700 милиони долари, а извезуваме за 390 милиони долари, односно дефицит од околу 300 милиони долари годишно. И покрај реалативен пораст на извозот на храна последните години, со исти износи се зголемува и увозот и никако не сме во состојба да го покриеме увозот со извоз на храна повеќе од 50 – 55%.

Според годинитекога започнуваат и кога завршуваат „Проектите“ од Програмата, таа е работена пред неколку години и голем дел од проектите кои сега се предлагаат, требало да се завршат во 2015 или во 2016 год. Например: „Подобрување на квалитетот на животот во руралните средини“, бил (требало да биде) финансиран во 2014 год. и 2015 год. Скоро, сите проекти од Програмата треба да завршат до 2018 година! Колку е тоа реално? Сериозен недостаток на Програмата е што не предвидува превземање на пообемни мерки и активности за заштита на животните средини во кое земјоделство има голема штетна улога, не само со несоодветно третирање на отпадоците и арското ѓубре, туку и со употребата на хемиски средства и особено со користењето на фосилни горива. Чудно е што со Програмата не се предвидуваат никакви мерки за заштита на македонската потрошувачка од храна со генетски модифицирани организми. Исто така авторите на Програмата немаат идеи (или сознанија) за потребата од мерки кои ќе придонесуваат да се ублажува влијанието на климатските промени  во македонското земјоделство.

Аграрната политика на Македонија мора да претрпи длабоки и сериозни анализи, од кои ќе треба да произлезат квалитетни и реални заклучоци и насоки за развој во идниот период во духот и на Заедничката аграрна политика на ЕУ (2014 – 2020 година) без оглед која партија ќе ја води државата во иднина.  

Проф.Др. Борис Анакиев


Можеби ќе ве интересира

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари