АКЦИЈА НА ЛЕЗБОС: Депортирани мигрантите кои не добија азил
Објавено во: Балкан 09 Септември, 2017
Голема полициска акција имаше денеска во прифатниот центар Морија на грчкиот остров Лезбос.
Целта е пронаоѓање и депортирање во Турција на сите оние мигранти кои добиле негативен одговор на барањето за азил во Грција.
За да се избегнат инциденти, сега грчките власти, според локалните медиуми решија да ги „фатат на спиење“ мигрантите, па од 6 часот утрово, повеќе од 350 полицајци, го „чешлаат“ кампот. Тие претходно се распоредија и го заобиколија прифатниот центар за да не може некој од мигрантите да избега.
„Утрово грчката полиција ги проверуваше документите на сите бегалци кои живеат во Морија. 14 лица се уапсени. Ситуацијата е мирна, но луѓето се исплашени“ – преку твитер соопштија од невладината организација „Едно среќно семејство“ која работи и им помага на бегалците.
Според договорот меѓу ЕУ и Турција, сите оние мигранти кои што не ги исполнуваат условите и добијат негативен одговор на барањето за азил, од Грција треба да бидат депортирани во Турција. Прифатниот центар Морија на Лезбос е еден од „најпроблематичните“ во Грција, со оглед на тоа дека во минатото доста често се случуваа сериозни инциденти, а обидите на грчката полиција да изврши контрола, завршуваа со бунт и материјални штети.
Во простор за 2330 лица, во кампот Морија, живеат 4007 бегалци.