Aко има осуди за референдумот Република Српска не сака во ЕУ?
Објавено во: Балкан 21 Октомври, 2016
Република Српска ќе се откаже од членството во Европската унија, ако Европскиот парламент го осуди референдумот за Денот на републиката и наложи санкции заради него, изјави денеска претседателот на РС, Милорад Додик.
„Не може Европа да се гради врз казни“ - изјави Додик.
Тој вели дека не очекува Европскиот парламент да прифати таква резолуција, ниту во извештајот на Европската комисија да има „некакви тешки оценки" за референдумот во Република Српска, кој се одржа во септември и покрај забраната од Уставниот суд на Босна и Херцеговина. Тој додаде дека ако сепак се преземат такви дејствија во ЕУ, Република Српска ќе го „ревидира односот кон европската агенда".
Додик најави дека наскоро во парламентот на Република Српска ќе биде доставен законот за празниците, при што 9 јануари ќе биде прогласен за ден на републиката, според волјата на народот, изразена на референдумот.
Босанските Срби, на референдум на 25 септември гласаа за тоа дали празникот на Република Српска да остане на 9 јануари, датумот на кој во 1992 година тие прогласија „Република на српскиот народ" во составот на Босна, по што и почна војната од 1992-1995 година.