19 Март, 2024
0.2050

Американски предизвик

Објавено во: Колумни 28 Јули, 2017

Добивај вести на Viber

Американските демократи и републиканци од Конгресот и Сенатот нананесоа удар по Русија и ЕУ. Пакетот санкции  усвоен од нив официјално се однесува на Русија, Иран и Северна Кореја, но индиректно задира и во интересите на некои земји од Европската унија. Овој пакет сега ќе дојде на масата на американскиот претседател Доналд Трамп кој  треба да го потпише и да стане закон. Ако биде така, тогаш ќе може да зборуваме за американски предизвик во меѓународната политика, а не само за Русија.

Најновите вести што доаѓаат од Вашингтон велат дека американскиот претседател може да стави вето на овој пакет санкции, да ги потпише какви што се или пак да да ги заостри уште повеќе. Сето ова внесува уште поголема возбуда и во САД и во Европа.

Што предвидуваат санкциите? Се воведуваат ограничувања во изградба на нафтоводи и гасоводи. Ова може да ја погоди Русија при изградбата на гасоводот „Северен поток-2“, но исто така и гасоводот „Турски тек“, на кој што Русите интензивно работат за да ја добијат трката со времето додека санкциите и официјално стапат на сила. Тука е и планираниот гасовод кон Кина. Се воведуваат санкции кон добивањето на нафта. Американски и други компании не ќе можат да продаваат технологија на Русите за добивање нафта од длабоки води и од шкрилци. Се забранува до одреден износ учество на компании во приватизација на руски државни компании. Ќе се казнуваат компании од Русија кои учествувале во сајбер напади. Ќе се следат руските олигарси, особено оние кои евентуално имаат врски со рускиот претседател Владимир Путин…Упатените во пакетот санкции велат дека повеќе од половина од него се посветени на Русија. Единството на демократите и републиканците во Конгресот и во Сенатот, изразено со големо мнозинство,  зборува за јасната порака упатена од нив до државите „отпадници“, како што некои во САД ги нарекуваат трите држави, но не помалку и до претседателот Трамп. Во прв ред да гледа како се однесува кон Русија. Исто така во пакетот има одредби со кои тој не може сам да врши промени во него, без одобрување од сенаторите и конгресмените. Со други зборови му ги врзуваат рацете.

Во исчекување на наредните потези на Трамп, коментарите за санкциите се движат од искажувања дека на овој начин и се објавува економска војна на Русија, во која жртви можат да бидат и некои европски држави, па се до  оние кои велат дека не економска, туку ќе се најдеме на прагот на трета светска војна. Европската унија и покрај првите гласни негодувања, на Германија, Франција, Австрија и други држави кои имаат големи бизнис релации со Русија, како да се стишаа по првите гласни реагирања. Можеби за тоа придонесе и корекцијата во текстот на предлогот на санкциите со која воведувањето на санкции кон Русија за гасоводите ќе се носи во консултација со американските држави партнери. Можеби ова е знак дека Европа, кога станува збор за „Северен поток-2“, полесно ќе дише. А тоа е проект вреден милијарди долари. Тоа значи дека сега таа ќе треба да преговара со Американците, кои пак на секој начин настојуваат да го протуркаат својот течен природен гас до европските гасоводи. Според некои податоци, рускиот гас засега е поефтин за 30 проценти од американскиот течен гас. Како и да е европски компании веќе креваат глас поради американските санкции. „Геоекономијата поставува правила на игри, а ние служиме како топче за пинг-понг“ изјави еден претставник на компанијата Wintershall, која треба да учествува во изградбата на „Северен поток-2“, но и во други проекти заедно со Русите. На европјаните им пречи екстериторијалната или трансграничната претензија на САД на европскиот енергетски пазар. Што значи страв од американски санкции за европски компании кои би соработувале со Русија на енергетски план. И веќе се реагира дека со тоа се нарушуваат некои меѓународнидоговори, па оттука и повикза носење европски закони за заштита од ваквите чекори на САД.

На прв поглед.евентуалниот конфликт меѓу САД и Европа би бил од полза на Русија. Европа која е единствена во санкциите кон Русија, сега ќе мора да ја заштитува од Американците! Но сепак работите не се така едноставни. Европјаните сигурно не ќе можат да одговорат на американските амбиции за казнување на Русија во иста мера, колку што ќе им биде и ним нанесена штета. Велат европски банки нема да им доделувале кредити на американски компании. Други одговараат дека ФЕД ќе испечати толку долари, колку што им требаат на нивните банки, без око да им трепне!

И ако може да се каже дека САД и Европа ќе преговараат без да се крева многу врева и без скандали, Русија засега мудро молчи. Во моментов тоа и’ останува. И, е во очекување на следните потези на Трамп. Можеби некој во Москва сега вели, „ќе ни беше полесно доколку Хилари Клинтон беше избрана за претседтел“. Тоа е факт. Со неа на Путин ќе му беа многу јасни работите. За разлика од Доналд Трамп за кого не знаеш и не можеш да претпоставиш кој ќе му биде следниот чекор. Но има и друг факт. За разлика од времето на Барак Обама, кога руската дипломатија беше во постојана офанзива и секогаш излегуваше со разни и нови инцијативи сега таа како да е замрена. Причина за тоа има и во односите на САД кон руските инцијативи, кои сега се игнорираат од страна на Американците, па дури и нема дијалог или пак се води на пониско ниво далеку од сцената. Министрите за надворешни работи на САД и Русија Џон Кери и Сергеј Лавров барем разговараа. Можеби во визијата на Трамп, ако ја има, а повеќе на неговото опкружување од генерали и бизнисмени е зацртан стариот став од времето на Студената војна. И ден денес за многумина тоа е важечко – „Со Русија треба да се разговара, но само од позиција на сила, зашто таа разбира само сила“. Веројатно тоа го имале на ум  и конгресмените и сенаторите, кога ги подготвуваа санкциите. А можеби таква ќе биде американската политика кон Москва и натаму. Тоа го навестуваат сегашните  признаци.

Молчењето на Русија засега и исчекувањето на судбината на пакетот санкции не значи дека Москва се согласува со она што се прави од онаа страна на Атлантикот. Путин вчера во Финска беше јасен. Во поглед на трансграничното американско законодавство тој се врати десет години наназад кога зборуваше на Минхенската конференција. „Јас во Минхен зборував за тоа. Таа практика не е прифатлива, таа ги урива меѓународните односи и меѓународното право. Ние со тоа никогаш не сме се согласувале и нема да се согласиме, а како реагираат други држави на тоа прашање – тоа зависи од степенот на нивниот суверенитет и подготвеноста да ги заштитат своите сопствени национални интереси.“ Ова последново се однесува на Европа. За Путин носењето закон за санкции во САД „предизвикува жалење, зашто станува збор за цинични дејства. Од причина што станува збор за јавен обид за користење на сопствените геополитички предности во конкурентната борба со цел да се обезбедат своите економски интереси за сметка на своите сојузници, како што е во дадениот случај.“ Според него Русија во последно време е цел на незаконски провокации од страна на САД, а „и санкциите се незаконски од точка на гледање на меѓународното право, се нарушуваат принципи на меѓународната трговија и правила на Светската трговска организација. Ние се однесуваме воздржано, трпеливо, но во некој момент ќе треба да одговориме. Невозможно е бесконечно да се трпи некаква расипаност во однос на нашата земја. Но кога ќе има одговор, каков ќе биде, ќе зависи од тоа каков ќе биде  конечниот текст на законот“.

Во очекување на наредните потези на Трамп во Русија веќе се зборува за некакви мерки. Во прв ред протерување на американски дипломати, како одговор на протерувањето на руски од страна на Обама пред крајот на неговиот мандат, потоа заплена на американски дипломатски имот, како што Американците запленија таков имот на Русија во Вашингтон. Но Американците најмногу ќе бидат погодени ако Путин ја откаже соработката во Сирија и ако не им дава поддршка на американските намери кон Северна Кореја и Иран. Да не се заборави дека колку и да се залагаат Американците за зголемување на своето влијание во арапскиот свет, освен две до три земји, сите други им даваат предност на односите со Русија.

Но најважно од се е новите санкции да ја освестат Русија дека конечно треба да се сврти кон себе и да ги почне вистинските реформи во економијата, реструктурирање на стопанството, полека да заборава дека нафтата и гасот и се главни финансиски извори. Тоа ќе треба да е предизвик за неа со кој ќе одговори на американскиот предизвик. Само на тој начин ќе ја намали болката од новите санкции, кои сигурно ќе траат десетина години.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?