Добивај вести на Viber
Се повеќе компании во САД објавуваат планови за отпуштање на работници и затворање на цели фабрики поради слабиот економски раст на земјата и продлабочувањето на рецесијата во многу европски земји.
Ford Motor и Dow Chemical се последните две компании кои се приклучија кон зголемениот број на северноамерикански компании кои објавија дека ќе намалуваат работници. Само од 1 септември до денес, американските компании отпуштиле 62. 600 вработени во земјата и странство, што е најголемиот број од почетокот на 2010 година, покажуваат податоците на Bloomberg. Од почетокот на годината, вкупно 158. 100 лица во Америка биле отпуштени, што во споредба со 129. 000 отпуштања за истиот период од лани, е значително повеќе.
За прв пат во последните десет години Ford затвора една европска фабрика за монтажа на автомобили, при што без работа ќе останат повеќе од 5.500 лица, а во текот на неделата отпуштања најавија и Dow Chemical, DuPont и АMD. Ригорозните мерки се како резултат на падот на приходите во третото тримесечје кај повеќето компании, и тоа во последните недели на претседателската кампања во САД.
“Нема смисла да трупаме големо количество готови производи, подобро е да го забавиме темпото, додека дознаеме што не чека во 2013 година ", изјави Јана Самсон, портфолио менаџер во Oakbrook Investments.
Продажбата е се послаба и тоа е сигурен знак дека отпуштањата ќе почнат да се зголемуваат, бидејќи компаниите сакаат да преземат итна акција за да им покажат на своите акционери, колку брзо дејствуваат, коментираат аналитичарите.