21 Септември, 2017
0.0766

Анализа со Столе Георгиев: Од новите рудници ќар ќе имаат само инвеститорите

Објавено во: Анализа 08 Јули, 2017

Владата на Република Македонија и натаму одбива да се изјасни каква стратегија ќе примени за југоисточниот крај каде веќе се доделени неколку концесии за геолошки истражувања, а постои голема шанса да бидат изградени рудниците Казандол и Иловица-Штука за бакар и злато. Во Дојран и Гевгелија населението веќе се изјасни дека е за сочувување на животната средина, а против новите рудници и истата можност да се изјаснат се борат да ја добијат граѓаните на Дојран, Валандово и Босилово. Еко активистите, но и експертите долго време предупредуваат дека рудниците имаат огромно влијание врз животната средина, постојат повеќе опасности од излевање на јаловините, како и можни последици врз воздухот, водите и почвата.

Рудниците не се одржлива економија, штом заврши експлоатацијата и се потрошат ресурсите нема никаква перспектива за понатаму, рударите ќе останат без работа, а земјиштето и околината со децении ќе бидат вон било каква употреба, за што веќе имаме доволен број на македонски примери од минатото. Југоистокот на Македонија во голем дел е земјоделски крај, особено струмичкиот и валандовскиот се добро развиени, приходите се зголемуваат, па затоа и нејасно е кој би се нафатил да работи во рудник, како за пониска плата така и за самиот вид на индустрија.

Разговарајќи со експертот за животна средина Столе Георгиев добиме значајни информации за овој регион бидејќи и самиот потекнува од Радовиш, град кој има рудник со децении, а како што вели економски е послабо развиен од соседните градови каде се развива земјоделието.

Фактор: Што ќе значи отварањето на рудници во Југоистокот на Република Македонија, дали овој вид на тешка индустрија може да го загрози земјоделското производство, а со тоа и егзистенцијата на илјадници жители?

Георгиев: Јас лично сметам дека рударството е застарена индустрија која не носи некои важни придобивки за локалните заедници, напротив носи повеќе проблеми. Еве хипотетички да земeме дека современото рударство не би имало никакви влијанија врз животната средина, сепак присуството на рудник во земјоделско подрачје носи негативен ПР (реклама) за одрживо земјоделие и одржлив развој на регионот. Сепак, согласно Програмата за животна средина на Обидинетите Нации (UNEP) секаде рудниците се обележани како "еколошки жешки точки (environmental hot spots)". Друга работа е што досега има усвоено три развојни стратегии на ниво на Југоисточниот плански регион во кои никаде како развојна цел не се спомнува рударството во овој регион.

Кога станува збор за за економските придобивки лично сметам дека ниту државата, ниту локалните заедници нема битно да осетат некој важен локален економски развој со присуството на рудник, а негативните последици врз животната срдина може да ги чинат локалните заедници многу повеќе од колку економските придобивки. Единствена придобивка и ќар ќе добијат заинтересираните инвеститори, затоа и ги разбирам нивните мотиви. Јас дури сум скептичен дека и ќе обезбедат соодветна работна сила која би работела во рудниците.

Постојат бројни примери на семејства и поединци кои заработуваат многу подобро и многу повеќе од земјоделието од колку со работа во рудник. Зарем е поважно 200-250 работни места во некој рудник а со тоа да се загрози егзистенцијата на преку 30-40000 граѓани кои директно живеат од земјоделието?!

Фактор: Дали овој регион е попаметно да развива зелена екологија со оглед на сите природни карактеристики, како и демографски параметри?

Георгиев: Овој регион има добри предиспозиции и можности за алтернативни форми на туризам земајќи во предвид природните вредности со кој располага во комбинација со производството на храна нуди можности за селски и рурален туризам. Постои можност за искористување на сончевата енергија за производство на електрична енергија. Развој на мали и средни претпријатија кои ќе нудат различни производства и услуги и создавање на многу повеќе одржливи работни места во различни сектори за разлика од рударството.

Фактор: Што значи еден рудник за животната средина, особено рудници со отворени копови во кои се користат силни хемикалии?

Георгиев: Во рудниците ќе има третирање со раствор од сулфурна киселина, тоа може да биде опасно бидејки сулфурната киселина е едно од најкорозивните соединенија, иако третирањето ќе биде со воден раствор, сепак доставата и складирањето ќе биде на концентрирана сулфурна кислина и постои ризик со нејзината манипулација (достава, складирање, растворање и упореба)...Ќе има влијание и врз дивиот животински свет кој живее на областа која ќе биде предмет на рудникот... Од принудно исселување на животните до умирање и изгинување поради нарушен еко-систем.

Фактор: Како овие рудници доколку се отворат ќе влијаат врз благосостојбата на жителите и квалитетот на живот?

Георгиев: Постои ризик од несреќи кои не можат да се предвидат но, доколку се појават можат да донесат тешки последици по околината, материјалните средства па дури и по здравјето на луѓето. Пример излевање на јаловината поради поплави, во последните години се забележува кратко-трајни но обилни врнежи кои често предизвикуваат поплави.

Фактор: Може ли да бидат доведени во прашање природните ресурси?

Георгиев: Па ќе имаат повеќе влијанија, почнувајки од нарушување и нагрдување на пределот и пејсажот... Значи треба да се прават ископи, раскривки на теренот, одлагалишта за јаловина така да станува збор за огромна површина која ќе биде опфатена со рудниците. Потоа бидејки ќе има уништување на шума и растенија ќе има негативни влијанија и ќе се предизвика ерозија на теренот и т.н. дефорестификација. Од ископите и одлагањето на раскривката ќе биде зголемена појавата на прашина со што ќе се влијае врз квалитетот на амбиенталниот воздух. Самите ископи ќе влијаат и на водниот режим на потоците и реките чии сливни подрачја ќе бидат зафатени со ископите. Можно е да има пореметување на подземните води поради минирањето и ископите на земја (руда).

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

Што е Google Jigsaw и како може да придонесе за Македонија?

Што е Google Jigsaw и како може да придонесе за Македонија?

Огромната доверба во Катица Јанева знак за обесправено општество

Огромната доверба во Катица Јанева знак за обесправено општество

СДСМ нема кандидат во Чаир, ДУИ нема за Скопје

СДСМ нема кандидат во Чаир, ДУИ нема за Скопје

Јовановски од клупата за „резерви“ ќе се натпреварува во општина Центар

Јовановски од клупата за „резерви“ ќе се натпреварува во општина Центар

Нема разбирачка за законот за јазиците - Закана за нови тензии

Нема разбирачка за законот за јазиците - Закана за нови тензии

Без граѓански притисок градоначалниците ќе уживаат 4 години

Без граѓански притисок градоначалниците ќе уживаат 4 години

Како пропадна планот на Путин да се зближи со Америка?

Како пропадна планот на Путин да се зближи со Америка?