АНКАРА БАРА ОДГОВОРИ: Дали Брисел сака да ја види Турција во ЕУ?
Објавено во: Балкан 25 Април, 2017
Анкара го повика Брисел конечно да се определи дали Европската Унија сака да ја види Турција како своја членка.
Ова го изјави турскиот премиер, Бинали Јилдерим во интервју за телевизијата Блумберг. Тој вели дека Европа не се стреми кон исполнување на наметнатите обврски во рамки на договорот со Турција за надминување на миграциските приливи, пренесе ТАСС.
„Ја повикуваме Европската Унија да биде чесна во однос на нашето евентуално членство. За почеток тие треба да се определат дали сакаат да не видат таму. Нека прво тие самите го решат тоа, а потоа и ние ќе ги кажеме нашите планови за приклучувањето. Место ветените 3 милијарди евра ние добивме само 790 милиони“ - вели турскиот премиер.
Според него, ЕУ не ги исполнува своите ветувања за давање финансиска помош на Турција согласно спогодбата за бегалците и не го покренува прашањето за олеснување на визниот режим за Турците.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган имаше низа навредливи изјави кон Европа и поединечни земји.
Дел од европските политичари кажаа дека Турција е подалеку од било кога од Европа. Тие остро реагираат на плановите на Ердоган за враќање на смртната казна.