28 Март, 2024
0.0244

Апологија Феридова

Објавено во: Колумни 10 Ноември, 2016

Добивај вести на Viber

Насловот не сугерира буквализам, во смисла дека на професорот Ферид Мухиќ му е потребна некаква одбрана. Од што? Од Кого? Против кого? Зар на философ му е потребна одбрана од обичните луѓе, на умот од не-умот, на онтолошки вредното од безначајното? И тоа на философ што суверено без страв ги шета планините, целосно сам, за разлика од обичните луѓе? Насловот упатува на Сократа

Оти она што деновиве се случи во Македонија во потполност е рамно на она што пред повеќе од 2000 години се случи во Атина. Обичните луѓе, оние небитните, просечните, сите до еден некадарници, на кои никој нема да се сеќава по нивната смрт оти со никакво дело не ја задолжиле историјата на светот, оние кои не му беа ни до колена на философот, го дочекаа својот вистински момент за да го “убијат“. 

А што друго и да се очекува од џганот македонски да стори? Народ кој е потполно историски ирелевантен, кој не сака и не учествува во светскиот развој, кој претставува некакво случајно движење на истата таа историја, сплет на случајни околности затоа што никогаш длабоко себеси не знаел да се мисли, народ кој многу тешко доаѓа до заокружување на сопствена историска физиономија, на својот супстанцијален субјективитет, народ кој се дави во злоба и завист кон сопствените најдобри примероци, затоа што нема однос кон индивидуалитетот и идиосинкразијата, ех да, во таков народ само едно е автентично, дека само џган произведува.

И се досега мислев дека само власта на ДПМНЕ произведува толпа за сопствена потреба, една тоталитарна национал-социјалистичка симулакрумска матрица со елементи на митолошка паганска идолатрија измешана со квазихристијански клерофашизам. Од таков џган нормално и не очекував ништо друго освен фалсификат, имено книгата “Исламскиот идентитет на Европа“ бомбастично го сменија во Исламската иднина на Европа, за да го обвинат за тоа Заев, и да играат на картата на стравот, џганот е најхрабар и највоинствен само кога го држите на ланци како роб и го плашите. 

Добро е да си македонски, српски или хрватски националист, но проблем е да си бошњачки. Во првите три случаи, тоа е пожелно оти така си патриот, но само во последниот случај ти си шовинист. И џганот нормално не поднесува индивидуалитет, не поднесува умен човек, сака да го урне Универзитетот, затоа што се плаши од непознатото, не поднесува различно мислење од неговото и за најбанални и најтривијални ствари, а камоли да биде спремен длабоко да мисли за најдлабоките прашања што го тиштат човекот. Имено, умен човек нема проблем со ставовите на друг човек па колку и да се различни од неговите, и не го смета за неподобен. Неподобноста на некој човек исходи од тоталитарна свест која го суди неподобниот само врз основа на својот систем. И секогаш неподобноста е проследена со патолошка омраза кон неподобниот.

И ако нечија тоталитарна свест е знак дека пред себе имате примерок на џганот, тогаш јас не гледам разлика помеѓу толпата на ДПМНЕ и оние што стојат од другата страна. Овие денови, сите оние умислени квази-интелектуалци од опозицијата, (некои блиски и до СДСМ) покажаа дека имаат иста тоталитарна матрица, дека се од ист фашистички штоф исткаени. И веднаш ги замислувам Јовановски, Астеруд, Најчевска, ЛГБТ, Колозова, и сите други, милитантни левичари и левичарки, заедно со оние политички анонимуси од Анима Мунди за кои сега во моментот е најбитно како некој гледа на борбите со кучиња, па и Јеховини сведоци, што да не; како доаѓаат на власт и започнуваат да стрелаат се што е неподобно и не се согласува со нивните идоли. Нè ловат по улица, нè отпуштаат од факултетите како неподобни професори, ни ги одземаат децата за случајно да не би ги воспитале погрешно, ни сечат јазици за изустен збор што испаѓа од нивниот дискурс. Истите тие кои се колнат во слободата, во вредностите на либерализмот а самите се онтолошки contradictio in adjecto. Овие на власт барем отворено исповедаат фашизам. Од сите најлигав беше Суад Мисини, во смисла, Ферид треба да се “стрела“ но не сега, сега ако го “стреламе“ им правиме корист на Груевци, и само заради тоа, прашањето за Ферид Мухиќ го оставаме на страна. Која беда!

Но како и би биле инакви, тие не се философи, оти во философијата се пријателствува и со оној кој има различни ставови од тебе, не се плашиш од него, оти сфаќаш дека ти е насушно потребен за да го менуваш сопствениот хоризонт. Да се дојде до суштината на нештата, да се рефлектира до крај, до самиот конститутивен акт, а не само до арбитрарно поставениот регулаторен акт. На пример, зошто Тричковски е еден од најбитните мислечки луѓе во поновата историја на Македонија? Затоа што неговите ставови во однос на македонштината се радикални, предизвикувачки, деконструктивни. Тој, Тричковски постојано создава разлика и дразни со неа. Но после таа разлика, мојата македонштина веќе не е иста, подобра е. Ферид Мухиќ го прави сушто истото. Но џганот не е спремен да оди до крај, па затоа и им пречи философот. Се работи за квалитативна разлика помеѓу затворен и отворен морал, а тие кутрите мали хрчки не го читале Бергсон.

Просто, ме просветлија. Сфатив дека цело време сум бил во илузија, дека всушност проблемот не е во ДПМНЕ, туку дека цело време тоа бил Ферид Мухиќ. Аух, толку голем проблем што нема да гласаат за листите на СДСМ. Па добро за каков облик на идиотизам правиме муабет! Опозицијата пропушти да се обедини по еден принцип, слободата наспроти тоталитаризмот. Обидот да се стават независни професори на листите пропаѓа. Суетите во СДСМ, и суетите надвор од СДСМ. Просто сфатив дека постојат два тоталитарни џгана, или подобро тоа е еден македонски џган дијалектички разделен во две честици, но нема производ од таа дијалектика. Според Киркегор толпата е нула, а нула по нула дава секогаш нула. Овој народ просто го заслужи Груевски! Тој е огледалото на само случајно поделениот џган. Та затоа неговата победа на изборите после “ова со Сократа“ нема воопшто да ме вознемири, туку само ќе ме утврди во Шопенхауеровските начела на иставање од сето. Би сакал крај на ова катастрофално лудило на власта, но сфаќам дека и вон границите на власта од каде што треба да дојде тој крај, царува истиот тоталитаризам само облечен во друга идеолошка доксологија.

Епикур советува философите да се тргнат од учество во политиката, и да рефлектираат за неа од благотворната дистанца, формирајќи го својот сопствен автентичен етос. Повремено ако чувствуваат дека треба да се вмешаат заради повисоко добро тогаш да го сторат тоа. Мојот професор Ферид го направи токму ова, како и Сократ, и го снајде истото.  Затоа што неговите сограѓани сакале да останат во тиранијата, да паднат во рацете на добар тиранин, Ксенофан го напуштил својот град со зборовите: “Колофон го напуштив затоа што себеси се гледав како човек и сакав да живеам меѓу луѓето, а не со говеда и коњи“. Во многуте нешта што ги научивме од Ферид, едно нешто е идеално за овој миг. На влезната порта на средновековниот Неапол (како символ за философијата) стоел натпис: Овде нема глупаци! Во Македонија слободно да ставиме натпис, двојазично, колку јазично сакате: Царството на глупаците! Ферид Мухиќ е апатрид во тоа царство.

Ристо Солунчев

Вонреден професор на Институтот по философија

Философски факултет, УКИМ

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?