Нов стечај виси над прилепски „Металец“?!

18/04/2013  //  Пред 1 година  //  ЕКОНОМИЈА  //  Коментирај

zx980_819801

На прилепската фабрика за челични конструкции „Металец“и се заканува нов стечај, откако компанијата не успеа да го реализира планот за реорганизација на производството и продолжи да генерира загуби. Минатата година фабриката оствари загуба од 160 илјади евра.

Дел од доверителите на прилепската компанија „Металец“ бараат отварање нов стечај за фабриката, која во 2010 година влезе во стечај, но и брзо излезе од него со план за реорганизација,  со кој на менаџментот му се даде нова шанса да работи и да почне да генерира приходи.

Прилепскиот суд веќе повел претходна постапка за утврдување на причините за стечај, а на 29-ти овој месец е закажно рочиште на кое ќе се утврдува дали се исполнети условите за отварање нова стечајна постапка за фабриката за челични коснтрукции.

Фактор дознава дека иницијативата на дел од доверителите е со цел да си ги наплатат побарувањата преку итна реализација на имотот кој се уште не е оптоварен со хипотеки.

Наместо да го реорганизира производството, „Металец“ генерира се поголеми загуби

Според податоците од годишната сметка на прилепски „Металец“ објавени до Централниот регистар, минатата година, компанијата остварила приходи од вкупно 220 илјади евра што е за 68% помалку од 2011 година, и загуба од 161 илјада евра.

Капиталот на фирмата е во минус од 863 илјади евра, а намалени се и залихите кои се во вредност од 721 илјади евра. Во моментот во фабриката работат 22 вработени.

Доверителите обвинуваат дека наместо да бараат нови договори за работа, менаџментот го раскрчмува имотот на компанијата и вегува во нови долгови.

Стечајниот управник Славе Стојаноски за Фактор изјави дека негова работа е повремено да врши надзор и контрола на фирмата, но за детали од работењето упати на менаџментот на „Металец“.

Директорот Трајко Милков за Фактор оптимистички најавува дека сепак до стечај нема да дојде оти фирмата веќе ги подмирила долговите кон доверителите.

„Претходната стечајна постапка почна пред една недела но ние вчера ги подмиривме долговите кон доверителот и веќе побаравме од адвокатот да ја повлече таа постапка. Факт е дека не сме во најдобра кондиција, лани имавме загуба но, планираме некои проекти од поголеми размери кои треба да ги реализираме во идниот период и со кои очекуваме да се подобри состојбата и да го реализираме планот за реорганизација“, вели Милков.

Тој тврди дека за лошите резултати не може вината да се бара само во раководството затоа што и фабриката имала побарувања од близу 250 илјади евра кои подолго време не можела да си ги наплати.

Инаку, од рестартирањето на „Металец” најмногу очекуваа близу 200-те работници  кои останаа со три неисплатени плати, неплатени придонеси и без работа. Сите надежи беа свртени кон словенечкиот акционер „Цесте Мостови “ кој има 20% од акциите на „Металец“ и од кој се очекуваше да го прошири производството со конкурентни производи на пазарот , но од неодамна и оваа компанија отиде во стечај.

Најголеми доверители на прилепски „Металец“се Управата за јавни приходи, Стопанска банка Битола, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и вработените.

Ретки се примерите на успешен план за реорганизација

Статистиката покажува дека само во 2% од фирмите во земјава кои отишле во стечај е направен план за реорганизација, додека 8% по завршување на стечајната постапка се ликвидирани. Практиката покажува дека доверителите најчесто сакаат да го наплатат долгот и затоа брзаат фирмата да се ликвидира и имотот да се впаричи а стечајните управители тоа и го оставруваат.

Тоа најчесто е така заради тоа што и во текот на реорганизацијата се создаваат нови доверители, бидејќи раководните лица генерираат нови долгови преку задолжување, што пак е дозволено со планот за реорганизација.

С.Н.

 

 



Остави коментар

comm comm comm

Facebook