Ауди повлекува 127 000 возила
Објавено во: Свет 23 Јануари, 2018
На Ауди му е наложено да повлече 127 000 возила, откако германските сообраќајни органи, КБА, детектирале недозволен софтвер за контрола на издувни гасови на најновите Евро 6 дизел модели, јави германскиот печат.
Во повлекувањето се вклучени A4, A5, A6, A7 и A8 лимузини, како и Q5 и Q7 SUV/кросовери, соопшти германското министерство за сообраќај а повлекувањето според новинската агенција ДПА се однесува на 77 600 возила во Германија.
КБА открила дека системот на менаџмент на работата на моторот кај спорните автомобили ги исклучува мерките за намалување на емисиите во услови на реален сообраќај, вклучувајќи ги повторно кога автомобилот се најде на тест.
Германскиот сообраќаен орган се заканил со повлекување на одобренијата за најновата генерација А8, извести Bild am Sonntag.
Од Инголштат јавуваат дека дотичните модели биле дел од доброволно повлекување од 850 000 возила со V6 и V8 TDI мотори. „Контролниот софтвер за возила кои се во прашање ќе биде комплетно ревидиран, тестиран и поднесен на одобрение“, соопштиле од Ауди.
Во ноември, беше објавено повлекување на 5 000 возила во Европа, во цел поправување на софтвер по откривање на претерани емисии на азотни оксиди.