23 Јуни, 2017
0.2489

Б-4 за Македонија во нов балкански сојуз!

Објавено во: Колумни 24 Февруари, 2017

Кон крајот на јуни минатата година во Москва неколку политички партии од Балканот, меѓу кои и од Македонија потпишаа документ за Балканот како воено неутрална зона. Потписници беа главно од опозиционите партии. Само од Македонија потписник беше лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стиљковиќ, кој тогаш беше дел од владеачката коалиција. Потпишувањето беше главен политички настан на конгресот на путиновата „Единствена Русија“. Тогаш на страниците на Фактор.мк напишав: „На две недели до Самитот на НАТО, коалиционен партнер во владата става потпис со кој само сeоди во прилог на држење на Македонија надвор од Алијансата. Со која памет. И дали владејачките партии и т.н. Врховен командант го одобриле потпишувањето. Па после Запад ни бил виновен што не сме дел од НАТО. Дилетанти и глуперди ни ја креираат надворешната политика.“

Месеците потоа имаше затишје и можеше да се претпостави дека  станува збор за лист хартија на кој се нашле потписи на политички незадоволници. Но ништо не е случајно во политиката.  Таа идеја од тогаш до денес еволуираше. Па од идеја на партии стана и државен став на Русија. Прво беше поддржана во парламентот, а пред некоја недела за неа дојде поддршка и од руското министерство за надворешни работи.

Малку хронологија. На почетокот на мај лани во Цетиње беше потпишана т.н. „Ловќенска декларација“ од страна на „Единствена Русија“ и црногорската Демократска народна партија.Во неа меѓу другото стои дека потписниците ја „сфаќаат важноста и ги поздравуваат натамошните чекори со широко учество на институциите на граѓанското општество во разгледувањето на иницијативата за создавање на Сојуз на неутрални суверени држави на југоисточна Европа, чии членки...во своите устави ќе ја дефинираат сопствената неутралност“. Подолу во неа се додава: Страните ја изразуваат својата отвореност за соработка и го поздравуваат придружувањето на други политички партии, општествени движења, невладини организации на Руската Федерација, Црна Гора и Република Србија и други земји од југоисточна Европа кои ја поддржуваат смислата и духот на оваа Декларација“.

Значи се официјално почна од Цетиње, иако и претходно имаше некои идеи за таков чекор од Србија и Црна Гора. Еволуцијата се забрзува во јуни минатата година. На Конгресот на „Единствена Русија“ се потпишува декларацијата, а на 22 јуни  Државната дума во свое Обраќање ја поздрави иницијативата на политичарите од четири балкански земји, која би требало да стане темел на архитектурата на регионалната безбедност. „Кодното“ име на оваа идеја е Б-4. Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Македонија, треба да бидат воено неутрални држави.

Промотор на идејата за Б-4 е Сергеј Железњак, заменик секретар на Генералниот совет на партијата „Единствена Русија“ и член на Комитетот за меѓународни прашања при Државната дума. Во еден негов авторски текст објавен на почетокот на декември лани во „Руска реч“, тој вели: „Актуелните прашања на современата балканска политика се неопходност од развој на балкански регионален проект заснован врз принципите на воена неутралност, приоритет на националните интереси во однос на барањата кои на балканските земји им ги наметнуваат НАТО и ЕУ, и првостепеното значење на непосредното изјавување на народната волја при носењето клучни одлуки.“ Ова последново се однесува на Црна Гора, каде опозицијата бара референдум за пристапувањето кон НАТО.

Според Железњак, појавата на „сопствениот регионален проект“ е условена од кризата во експанзијата на НАТО и контраверзната политика на ЕУ на Балканот. Тој вели дека проектот во Србија е поддржан од владеачката и други партии, а некои од нив очекуваат Србија со Балканскиот проект да си го врати статусот на регионален лидер.„ На колегите од Македонија регионалниот проект им носи појака стабилност и економски перспективи. Оваа концепција не е оптоварена со грчко-македонските несогласувања поврзани со името на земјата“, пишува Железњак.

Неколку дена по ова рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во коментар на идејата за Б-4 вели дека не чул за тоа. Да не веруваш. „Отворено кажано, не сум чул за проектот Б-4, и задолжително ќе разговарам за тоа со Сергеј Железњак.“ Веројатно Лавров разговарал со депутатот Железњак. Резултатот од тој разговор е продолжување на еволуирањето на поддршката за Б-4.

Се јавува и заменикот министер за надворешни работи, Алексеј Мешков. Во едно интервју на почетокот на месецов, на прашање за давањето воени авиони на Србија, тој меѓу другото вели : „Кога зборуваме за безбедноста на Балканот, станува збор за барање патишта, кои би придонеле кон воспоставување доверба  и безбедност во регионот. Ние особено ја поддржавме таканаречената идеја Б-4 – тоа е предлог за создавање на еден вид  алијанса од неутрални држави – Босна и Херцеговина, Србија, Македонија и Црна Гора. Според мене, тој пат е многу перспективен.“

Значи Лавров не знае, ама Мешков за два месеци нешто поднаучил. А најмногу знае Марија Захарова, портпаролот на руското министерство за надворешни работи. Пред десет дена таа на редовен брифинг во министерството требаше да одговори на прашање за напредокот на иницијативата за воено неутрални држави на Балканот и за руските реакции кон неа. Таа го спомна фактот на потпишаните декларации од страна  на политичките партии во јуни лани и го соопшти официјалниот став на министерството. „Ние веруваме дека таа идеја е многу корисна, сметаме дека таа може да внесе конструктивен влог во процесот на стабилизација на континентот. Притоа се нагласува активната улога на самите заинтересирани земји. Тоа е многу логично, затоа што стабилната неутралност одговара на нивните историски традиции, независно од тоа во какви држави или сојузи тие влегувале. Се надеваме дека балканските политичари и парламентарци, потпирајќи се на меѓународното право, во рамките на демократски процедури продуктивно ќе работат врз практична реализација на концепцијата“, рече Захарова.

Знае ли некој во државава  на што се надева Русија? Зарем потписот на Стиљковиќ вреди толку, па Русија да си зема за право да кажува за своите надежи и што е перспективно за нас? А можеби Стиљковиќ во Москва лани во јуни заминал со добиено полномошно од некого за да потпишува некакви декларации. За надворешната политика во државава се задолжени, претседателот, премиерот и министерот за надворешни работи. А не некој коалиционен партнер.

Нешто се случува кај нас со Б-4, иако ние не знаеме што и дали нешто се работи или се сработило на тој план. Можеби постизборниве игри не даваат да се наѕре подлабоко. Но, Македонија во никој случај не треба да се откажува од своите цели зацртани уште во раните деведесетти години-евроатлантски интеграции. 

А за тоа како да се развиваат односите со Русија добар пример е вчерашниот настан, презентацијата на „Македонскиот дом“ кој за еден месец треба да се отвори во Москва. Оваа идеја е стара дваесетина години. Но никој не ја реализираше. Македонските компании со години зборуваа дека треба нешто да се направи за поголем пласман на македонски производи на рускиот пазар. Со отворањето на „Македонски дом“ им се отвора поле за игра. Нека истрчаат и нека покажат што умеат.

А, Б-4? Нека остане само епизода што ќе се кажува, за тоа, како некои во Македонија си играат надворешна политика.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

СОНОТ НА МИТКО

СОНОТ НА МИТКО

Груевски смета дека телевизиите ја „галат“ новата власт, а 11 години него го „масакрираа“

Груевски смета дека телевизиите ја „галат“ новата власт, а 11 години него го „масакрираа“

ВМРО-ДПМНЕ ќе слави роденден, па целосно ќе се „проветри“

ВМРО-ДПМНЕ ќе слави роденден, па целосно ќе се „проветри“

САД во „војна“ со Европа заради Русија

САД во „војна“ со Европа заради Русија