28 Март, 2024
0.0272

ИНТЕРВЈУ, ГОЦЕ ЦВЕТАНОВСКИ, РЕЖИСЕР

Балканскиот видео вестерн го освои светот

Објавено во: Економија 26 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

По одличната соработка соFaith no more, го  подготвува  и првиот македонски долгометражен анимиран филм, за кој Цветановски се надева дека ќе стане препознатлив македонски и интернационален бренд. „Јон Вардар против Галаксијата“ е урнебесна вселенска комедија, каде што главниот лик Јон е киднапиран од страна на Зарк, ексцентричен робот со Наполеонов комплекс. По игра на случајот тие ќе станат најдобри пријатели, и заедно ќе треба да се борат против Брутосите,  раса на вселенски пирати кои сакаат да станат господари на целата Галаксија. Проектот досега го презентиравме на врвните копродукциски пазари во Европа и Америка каде што предизвика огромен интерес, и веќе обезбедивме учество на француски и германски копродуценти во филмот, вели тој.

Спотот на групата Faith no more, Cone of shame, што за кратко време постигна близу триста илјади прегледи, и доби одлични критики за песната и визуелноста, го режираше Гоце Цветановски. Кастингот е составен од македонски актери, а приказната наликува на балкански вестерн. Оваа фузија од шармот на македонски режисер и музиката на големите ФНМ, даде одлично остварување. Цветановски е млад режисер што не се ограничува во жанрот во кој ќе работи,лесно ги поминува географските граници, и се одмерува на глобалниот пазар. Тој вели дека низа околности го довеле до соработката со ФНМ, скромен, непосреден но оди натаму со нов предизвик, да го реализира првиот долгометражен анимиран филм.

Неговата режисерска приказна, го потврдува фактот дека светот е глобално село, кога авторите не се лимитираат кретивно и тежнеат да ги остварат своите соништа. Соработката со ФНМ, всушност ја почнал уште на неговиот втор краткометражен анимиран филм „Човекот кој не сакаше да умре“, каде што музиката ја компонирал басистот на групата Бил Гоулд.


Видето за групата Faith no more, стекна планетарна слава. Како се случи соработката со овој светски реномиран бенд? 

Приказната започна пред околу шест години, кога случајно се запознав со Бил Гоулд, басистот на групата, во едно рок кафуле во Скопје. Во разговорот дознавме дека сме соседи во Париз, каде што живеев до лани, а Бил,  таму има стан во кој поминува по еден до два месеци годишно. Во наредниот период, неколку пати се сретнавме на пиво во Париз и така се разви едно пријателство, кое потоа се круниса со соработката на мојот втор краток анимиран филм, “Човекот кој не сакаше да умре”. Бил ја компонираше оригиналната музика за филмот, и двајцата бевме многу задоволни и од процесот, и од резултатот. Во меѓувреме, ФНМ после подолга пауза од 15 години повторно се оформија, прво само за концертни настапи, а лани конечно издадоа и нов албум, “Сол Инвиктус”, кој беше прогласен за најдобар албум во 2015 година од страна на познатиот музички магазин „Метал Хамер“. Јас уште претходно му реков на Бил дека сум обожавател на ФНМ и сакам да им снимам спот. Некаде во август минатата година, започнавме посериозно да разговараме околу изборот на песна за спот и приказната. Целиот процес на подготовка беше исклучиво долг, бидејќи тие беа на турнеја и комунициравме претежно со допишување преку интернет. Најголем процент од приказната која ја понудив беше веднаш прифатена, а потоа работевме на финеси и довршување уште неколку  месеци пред почетокот на снимањето. Проектот беше доста амбициозен од креативна гледна точка. Отпрвин бев скептик околу нивната идеја да правиме балкански вестерн, бидејќи тоа беше повеќе пати направено во македонската филмографија последниве десетина години, но потоа испадна дека сме ја донеле вистинската одлука.

Споменувате во едно интервју дека станува збор за младешки сон, уште кога сте се обидувале да ги „симнувате„ песните на ФНМ, дали оваа соработка е една од оние нешта, кога велат дека соништата се остваруваат, ако веруваш во нив? 

- Да, дефинитивно. Додека бев во средно, имавме група и свиревме наши оригинални песни, но буквално на секоја проба ќе отсвиревме и по неколку песни од ФНМ. Еден другар дури ми рече дека уште тогаш сум се фалел (односно од таа гледна точка, сум се занесувал) дека ќе им снимам спот. Ете, тој сон сега стана реалност.

Како се одвиваше снимањето на спотот?

Започнавме со подготовки уште во ноември 2015. Двајца од главните креативни соработници беа исто така фанови на ФНМ, па уште од почетокот имаше многу ентузијазам со кој ја заразивме целата екипа.  Самото снимање се одвиваше дури би рекол невообичаено лесно и без проблеми. Мислам дека тоа беше резултат од претходно добро извршените подготовки, како и професионалноста на целиот тим. Дури и времето не послужи, бидејќи снимавме кон крајот на фебруари и токму тие денови беше невообичаено топло.

Дали пишувањето на сценариото и режисерскиот пристап, беа единствено инспирирани од музиката-песната, или си дозволивте, креацијата да ги надмине овие рамки?

Уште од самиот почеток беше јасно дека сите членови на групата треба да бидат инволвирани во одобрувањето на приказната до најмал детал. Знаевме дека треба да се направи балкански вестерн, дека станува збор за неисполнета љубов, за одмазда, за погрешни одлуки. Врз основа на ова, јас понудив неколку варијанти, од кои после подолго размислување беше прифатена верзијата која ја нарекувавме “Бони и Клајд”. Мојата цел беше ритамот на спотот да ја следи динамиката на музиката, но истовремено да раскажува една филмска приказна. Резултатот испадна прилично необичен амалгам, кој засега добива одлични реакции кај публиката.

Кои се режисерските мајстори што извршиле влијание на вашата работа?

Секогаш во мојата работа барам инспирација од старите мајстори заради кои и сум започнал да се занимавам со филмската уметност. Познавачите веднаш ќе го препознаат влијанието на Стенли Кјубрик, како во почетните сцени со моторот, така и во сцената со кршењето на вратата. Во однос на драматиката и односите меѓу ликовите, Серџо Леоне е режисерот кој  треба да се спомне. Има и малку од Дејвид Линч, посебно во љубовната сцена. Генерално, би можел да кажам дека секој автор со кого сум имал контакт на овој или оној начин влијаел на мојот сопствен развој како уметник и раскажувач.

Интересно е, колку македонските актери ставени во ваков режисерски продукциски дизајн, изгледаат навистина светски. Дали сметате дека кај нас има актерски потенцијал, што понекогаш поради некои други поаматеркски филмски сегменти, изгледаат во некои македонски филмови некако локално и недоволно зрело?

Тоа е повеќе грешка на режисерите отколку на актерите. Се разбира, кај нас постои недостаток од редовна филмска продукција, односно голем број од македонските актери немаат доволно искуство пред камера и глумат “театарски”, што на камера изгледа неприродно и извештачено. Но сигурен сум дека актерите можат да извлечат многу поквалитетна глума доколку самите режисери им помогнат во пронаоѓањето на пристап кон ликот и начинот на изразување. Од моето лично искуство, сите актери со кои сум соработувал имаат огромен талент за пред камера, само им треба режисер кој знае тоа да го извлече од нив. Морам да забележам дека во последните години има еден “нов бран” на филмски автори кои значително го подобрија нивото на македонската кинематографија. Мило ми е што сум дел од тоа движење и се радувам секогаш кога ќе прочитам за селекција на македонски филм. Морам да спомнам дека речиси сите денешни филмски автори од мојата генерација, па и актери, кога бевме средношколци бевме членови на аматерскиот филмски клуб “Ед Вуд”, кој беше предводен од Ратка Илиева – Лале.  Таа е главниот виновник за пренесување на љубовта кон филмската креација за еден куп од денешните успешни автори, и секогаш кога ќе се сетам на неа ми доаѓа топлина во душата.


По краткометражните анимирани филмови, подготвувате и долгометражен, што всушност ќе биде и првиот македонски долгометражен анимиран филм. За штостанува збор?

„Јон Вардар против Галаксијата“ е урнебесна вселенска комедија, каде што главниот лик Јон е киднапиран од страна на Зарк, ексцентричен робот со Наполеонов комплекс. По игра на случајот тие ќе станат најдобри пријатели, и заедно ќе треба да се борат против Брутосите,  раса на вселенски пирати кои сакаат да станат господари на целата Галаксија. Проектот досега го презентиравме на врвните копродукциски пазари во Европа и Америка каде што предизвика огромен интерес, и веќе обезбедивме учество на француски и германски копродуценти во филмот. Се надеваме дека овој проект ќе стане препознатлив македонски и интернационален бренд.

Во првиот анимиран филм ,на некој начин го цитиратеБергмановиот „Седмиот печат“, што да очекуваме во новиот ?

Во новиот треба да се очекува нешто сосема поинакво, како што би рекле Монти Пајтон. Инспирацијата ја црпам од Чак Џоунс и неговите Ушко Долгоушко и Дафи Паторот, како и од Том и Џери и други класични цртани од моето детство. После подолго занимавање со потешки и помрачни теми, добив желба малку да се навратам на комедијата, жанр со кој започна мојата филмска кариера. Светот веќе има доволно тешки и сериозни теми сам по себе, доволно е да вклучите телевизија за да го изгубите доброто расположение. Сакам да внесам малку насмевка и надеж кај луѓето. Сите имаме потреба од тоа.


Дали имате интерес и за работа на игран филм, или сакате да се држите до анимираниот?

Никогаш не се лимитирам со формати. Најважно ми е да ја раскажам приказната, и најчесто самата приказна кажува кој формат е најдобар за неа. Во наредните неколку години ќе работам на анимирани проекти, но имам и сценарио за игран филм кое пред некоја година влезе во полуфиналето на Санденс Филм Институт, во конкуренција со 700 други сценарија од целиот свет. Филмот се вика “Ин Вино Феминас - Ода на Убавината” и се надевам дека ќе имам шанса да го снимам некогаш. Исто така, во ноември ќе има премиера на мојот најнов краток игран филм, “Човекот кој не беше таму”, со Ѓорѓи Јолевски и Висар Вишка во главните улоги.


Каков е пазарот за анимиран филм во светот?

Прилично компетитивен. Анимираниот филм е огромна индустрија, и за да се пробиеш мора да имаш оригинални идеи, креативен перформанс со светски квалитет и огромна трпеливост. Но мислам дека сето тоа вреди, доколку успееме да извлечеме насмевка од децата.

Ана Василевска 

Можеби ќе ве интересира

Новите газди го вратија стариот сјај! Како „Скопски пазар“ ќе направи над 10 милиони евра приходи?

Новите газди го вратија стариот сјај! Како „Скопски пазар“ ќе направи над 10 милиони евра приходи?

ВЛЕГЛЕ ВО КАНЦЕЛАРИЈАТА НА GOOGLE ВРЕДНА ДВЕ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ - „баш е таква каква што ја замислувавме, право одморалиште“

ВЛЕГЛЕ ВО КАНЦЕЛАРИЈАТА НА GOOGLE ВРЕДНА ДВЕ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ - „баш е таква каква што ја замислувавме, право одморалиште“

ЦЕНТРАЛНОЕВРОПСКИ ДОГОВОР ЗА СЛОБОДНА ТРГОВИЈА - ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРОТОКОЛ 6 - еве кои се предностите

ЦЕНТРАЛНОЕВРОПСКИ ДОГОВОР ЗА СЛОБОДНА ТРГОВИЈА - ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРОТОКОЛ 6 - еве кои се предностите

Битиќи: Во 2025 работна недела од 7 часа дневно во одредени сектори

Битиќи: Во 2025 работна недела од 7 часа дневно во одредени сектори

МАКЕДОНСКИТЕ ЧОКОЛАДИ САМО МАЛКУ ПОВКУСНИ ЗА СТРАНЦИТЕ - како „Европа“ профитираше со 600 илјади евра и дали е тоа добар резултат

МАКЕДОНСКИТЕ ЧОКОЛАДИ САМО МАЛКУ ПОВКУСНИ ЗА СТРАНЦИТЕ - како „Европа“ профитираше со 600 илјади евра и дали е тоа добар резултат

Просечна плата во АЕК надминува 1.000 евра

Просечна плата во АЕК надминува 1.000 евра

НИНГБО – СТОТИЦИ ИЛЈАДИ КОНТЕЈНЕРИ, СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ТОНИ СТОКА: Оттука па низ целиот свет, вака се поврзува Кина

НИНГБО – СТОТИЦИ ИЛЈАДИ КОНТЕЈНЕРИ, СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ТОНИ СТОКА: Оттука па низ целиот свет, вака се поврзува Кина

КАКАОТО СЕ ПРЕТВОРИ ВО НАЈСЈАЈНА ЅВЕЗДА НА ПАЗАРОТ - на берзите се плаќа речиси по 10.000 долари за тон

КАКАОТО СЕ ПРЕТВОРИ ВО НАЈСЈАЈНА ЅВЕЗДА НА ПАЗАРОТ - на берзите се плаќа речиси по 10.000 долари за тон

ВОЛВО СТАВА КРАЈ НА ЕДНА ДОЛГА ИСТОРИЈА - им кажаа збогум на „дизелашите“

ВОЛВО СТАВА КРАЈ НА ЕДНА ДОЛГА ИСТОРИЈА - им кажаа збогум на „дизелашите“