19 Април, 2024
0.0298

Банкарско сонце за три светови

Објавено во: Колумни 23 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

Банките претставуваат финансиски крвоток на секоја национална економија. Како што крвните садови во организмот ја носат крвта до секоја клетка, така и банките вршат трансфер на финансиски средства буквално до секое правно или физичко лице. Ако запре циркулацијата на крвта, организмот ќе биде мртов. Ако запре функционирањето на финансискиот крвоток, последиците за правните и физичките лица ќе бидат фатални.

Со оглед на значењето што го имаат банките, сосема е разбирлив големиот интерес за нивното работење. Од најголемиот град до најмалото село во една држава, од лицата што извршуваат највисоки државни или јавни функции до оние коишто живеат во руралните предели, буквално сите се заинтересирани за перформансите на банките, за производите и услугите што ги нудат овие институции, како и за нивните финансиски резултати.

Заинтересираните страни за работењето на банките можат да се поделат во три групи: акционери, регулаторни тела и клиенти. Иако сите три страни се заинтересирани да постојат стабилни банки кои функционираат во рамките на законската регулатива, кои нудат широка палета на производи или услуги и кои остваруваат позитивни финансиски резулатати, сепак, секоја од трите заинтересирани страни има свој примарен интерес кој настојува да го реализира.

Примарен интерес на секој акционер е банката да оствари што подобар финансиски резултат. Тој акционер вложил свои пари и купил акции од таа банка, па сосема е нормално да се интересира банката да работи со што е можно поголема добивка. Таа добивка ќе може да се оствари ако одредена банка на пазарот настапи со конкурентни производи или услуги и истите ги пласира по цени што ќе го привлечат вниманието на клиентите. Задоволниот клиент овозможува остварување на поголеми приливи во банкарската каса во вид на камата од кредит, провизија за извршена услуга и сл. Поголемите приливи, во крајна инстанца, можат да доведат до поголема добивка. Како ќе се распредели добивката, дали ќе се реинвестира или ќе биде насочена кон дивиденди, тоа е веќе друго прашање. Прво мора да се стаса до неа.

Примарен интерес на секое регулаторно тело е почитувањето на законските прописи. Треба да се има во предвид дека е многу поголема одговорноста на регулаторните тела во сферата на банкарството во споредба со оние органи кои се надлежни за работењето на „обичните“ правни и физички лица. Познато е дека банките работат со свои средства во вид на капитал, со туѓи средства во вид на добиени кредити од други финансиски институции, но и со депозити на граѓаните и фирмите. Од тие причини, секое регулаторно тело кое е надлежно за работењето на банките мора да води сметка за почитувањето на законските прописи, но и за заштитата на субјектите кои вложиле парични средства во одредена банка. Тие субјекти очекуваат надлежните државни органи да ги преземат сите неопходни мерки во функција на обезбедување на законското работење на банката и сигурноста на нивните депозити.

И на крај, ќе го разгледаме интересот на неговото височество – клиентот. Бројот на клиенти секогаш е многукратно поголем од бројот на банки. Затоа клиентот е тој што е во позиција да одбере со која (или кои) банка(и) ќе соработува, кои производи или услуги ќе ги користи и колкава цена е подготвен да плати за нивното користење. Нормално, клиентот своите пари ќе ги вложи во банките што нудат највисока камата, а за кредит ќе се обрати кај оние банки што бараат најниска камата. Кога му се потребни услуги од сферата на националниот или меѓународниот платен промет, ќе се обрати кај онаа банка која наплаќа најниски провизии.

Многу е битна големината на клиентите. Оние клиенти кои се големи обично работат со повеќе банки и од секоја банка го користат производот или услугата што економски најмногу им одговара. Помалите клиенти најчесто се врзуваат за една банка и ја користат целокупната палета на производи и услуги од таа банка, зашто таквиот начин на работа им е најисплатлив.

Откако накратко ги разгледавме примарните интереси на трите заинтересирани страни, се поставува прашањето: Кој е примарниот интерес на банката?  Кон кого да се сврти? Кон акционерот? Кон регулаторот? Или кон клиентот?

Веројатно наједноставниот, најизбалансираниот и најдипломатскиот одговор би бил – кон сите три заинтересирани страни. Ако ги тргнеме едноставноста и дипломатијата на страна, останува балансот. Банката мора да најде баланс помеѓу интересите на акционерите за остварување на поголема добивка, интересите на регулаторните тела за строго почитување на законските прописи и интересите на клиентите за квалитетни, навремени и евтини банкарски услуги. Со еден збор, банката мора да им излезе во пресрет на интересите на сите засегнати страни.

Воспоставувањето на тој баланс не е ниту лесна, ниту едноставна работа. Неговото изнаоѓање претставува прашање на знаење и умешност на менаџментот на една банка и нејзините стручни служби. Токму затоа, како што има три заинтересирани страни за работењето на банките, така има и три видови на банки. Оние банки кои најдобро го воспоставиле балансот, ќе бидат носители на развојот. Оние банки кои недоволно успеале во тоа, од страна ќе го следат развојот на првите. И на крај, оние банки кои целосно потфрлиле во наоѓањето на избалансиран пристап и се свртеле само кон една од трите заинтересирани страни, ќе се чудат на тоа што се случува на пазарот.

Некој некогаш во градите имаше сонце за три светови. Иако песната е романтична, а во банкарството, за жал, нема многу простор за романтика, сепак и банкарското сонце ќе мора да свети за трите светови. Односно, за трите страни кои имаат свој интерес за работењето на банките.

д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок