29 Март, 2024
0.0282

Банките даваат сè помали камати, а граѓаните сè повеќе штедат!

Објавено во: Финансии 10 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

Каматните стапки на депозитите паѓаат побрзо од оние на банкарските кредити. Банкарите имаат комоција, бидејќи нема многу други инструменти за штедење на нашиот финансиски пазар, велат експертите

Банките упорно ги намалуваат каматите на штедните влогови. И не само тоа, туку банкарите најавуваат дека падот на каматните стапки нема тука да запре. Но и покрај се, граѓаните не престануваат своите пари токму ним да им ги доверуваат.

Има ли ризик населението во еден момент да почувствува дека овој вид на инвестирање на слободните пари веќе не му е исплатлив, па да побара други, алтернативни можности, колку и тие да изгледаат поризични во споредба со стабилните банки. До каде ќе одат банкарите со „топењето“ на каматите на депозитите, а притоа да немаат некоја особена грижа дека ќе ги изгубат верните штедачи?

Последните податоци на Народна банка на Македонија покажуваат дека во октомври годинава просечната каматна стапка на депозитите се спуштила до ниво од 2,8 отсто, што е намалување за 0,5 процентни поени во споредба со десет месеци претходно, односно во јануари, кога изнесувала 3,3 отсто. Кај кредитите динамиката на каматен пад е побавна, па ако во јануари просечната камата на кредитите била позиционирана на 7,8 отсто, таа во октомври дошла до 7,5 отсто, односно за десет месеци снижувањето е за 0,3 процентни поени.

Претседателот на Управниот одбор на НЛБ Тутунска банка и прв човек на Здружението на банкарство, Ѓорги Јанчевски, деновиве изјави дека трендот на пад на каматите на кредитите и на депозитите ќе продолжи и годинава. „Македонија има стабилна макроекономска состојба и ниска инфлација, а банките се полни со пари. Нема логика во услови кога нема пласман за тие пари каматните стапки да растат“, рече Јанчевски. Според него, во прилог на тоа одат и најновите мерки на НБМ, да не се плаќа камата на задолжителната резерва. „По овие мерки најверојатно ќе следи и паѓање на каматите на депозитите“, објасни овој банкар.

Но, наспроти падот и најавите за нови намалувања на каматите, штедните влогови не престануваат да одат нагоре. На крајот на октомври годинава вкупните депозити во македонските банки достигнале 4,14 милијарди евра, говорат податоците на централната банка, што е пораст од 166 милиони евра во однос на почетокот на годинава. Додека, пак, штедењето само на населението дојде до ниво од 2,98 милијарди евра, што е за 119 милиони евра повеќе од јануари.

Кај банкарската понуда може да се забележи и фактот што постои висок каматен распон меѓу активните и пасивните  камати, односно многу повисоки се каматите на кредитите, отколку на деопозитите. Според експертите, тоа е резултат, главно, на две причини.

„Прво, би рекол дека банките се наоѓаат во една релативна комоција: изворите на финансирање, односно депозитната база, е во пораст и главно не е чувствителна на каматната стапка, додека кредити се бараат, но тешко се одобруваат. Порастот на депозитите при опаѓачки каматни стапки може да се должи на недостигот на други инструменти за штедење на нашиот финансиски пазар, како и на општата воздржаност на населението од потрошувачка. Забалежете дека во последнаава година и половина потрошувачката на домаќинствата се намалила за околу еден отсто, додека во истиот период платите растеле за еден отсто. Пораснаа и другите лични примања, како што се пензиите, а истовремено состојбите на пазарот на труд и пркосат на кризата. Претпоставувам дека сите овие фактори придонесоа депозитната база на населението да остане стабилна и растечка и во услови на опаѓачки пасивни камати“, вели Марјан Петрески, универзитетски професор.

Во едно неодамнешно интервју , пак, Јанчевски потенцира дека граѓаните им веруваат на нашите банки, така што дури и во години на економска криза, депозитите на населението останаа стабилни. „Факт е дека освен банките, другиот дел од финансискиот систем во Македонија не е доволно развиен, во смисла на алтернативни продукти за штедење кои ќе донесат и принос и ризик подобар од тој што го нудат банките, така што тоа веројатно има удел. По сите турбуленции што се случуваа на Берзата во последните години, банките остануваат најсигурната инвестиција“, рече Јанчевски.

Тој не стравува дека трендот на пад на каматите на депозитите би можел да ги одврати граѓаните од чување пари во банките. „Трендот на пад на каматите и кај кредитите и кај депозитите е присутен во сите земји каде што има стабилна инфлација, и тоа е нормално, ако се има предвид дека банките во моментот се преликвидни, така што секое зголемување на депозитите во отсуство на поголем инвестициски циклус влијае на намалување на цената на изворите, односно на депозитите, бидејќи тие се најголем извор на финансирање. За граѓаните е поисплатливо и посигурно депозитите да ги чуваат во банка со одреден принос, отколку да ги чуваат дома, бидејќи парите губат вредност“, смета првиот човек на НЛБ Тутунска.

Додека, пак, кога станува забор за кредитите, каматите на банките се „поотпорни“ на надолните трендови. На страната на активата банките се релативно конзервативни и се уште прават т.н. кредитно рационализирање, односно одобруваат кредити таму каде што кредитниот ризик е низок или разумен. Значи, имаме ситуација побарувачката за кредити да е висока, ликвидноста на банките да е висока, но кредитната активност ниска. Според Петрески, тоа е главна причина активните камати да се релативно ригидни во надолното поместување, односно да опаѓаат побавно од пасивните камати и да резултираат со перзистентен каматен распон.

„Да не заборавиме дека каматниот распон, освен на пазарните движења, е рефлексија и на интерните политики и процедури на банките, првенствено на ефикасноста и желбата за остварување профит. Висок каматен распон може да е и последица на ниска ефикасност и притисок врз менаџментот од акционерите да остварува профити, иако се ова турбулентни времиња. Но, ако погледнеме низ кризата, тогаш во смисла на профитот, повеќето од банките, особено големите, поминаа релативно добро. Тоа е другиот извор на високиот каматен распон“, потенцира професорот Петрески.

Инаку, каматните стапки кај денарските депозити во октомври се на ниво од 4,2 отсто, наспроти 4,8 отсто во јануари годинава. Кај девизните влогови, пак, каматите се спуштиле дури до 1,7 отсто, наспроти 2,1 отсто на почетокот на годинава (Ф.Н.)

Можеби ќе ве интересира

Народната банка и гувернерката Ангеловска-Бежоска избрани од ЕБОР за водачи на проектот за женско претприемаштво во нашата земја

Народната банка и гувернерката Ангеловска-Бежоска избрани од ЕБОР за водачи на проектот за женско претприемаштво во нашата земја

Потрошувачки кредит на вашата сметка, додека уживате во топло кафе

Потрошувачки кредит на вашата сметка, додека уживате во топло кафе

БЕРЗИТЕ ИМАЛЕ ПОДОБРИ ДЕНОВИ: Намалување на индексите на Волстрит, S&P 500 во загуба трет ден по ред

БЕРЗИТЕ ИМАЛЕ ПОДОБРИ ДЕНОВИ: Намалување на индексите на Волстрит, S&P 500 во загуба трет ден по ред

ЗАМИНУВАЊЕТО НА ШЕФОВИТЕ ПОЗИТИВЕН СИГНАЛ ЗА ИНВЕСТИТОРИТЕ - Акциите на Боинг растат по промената на раководството на компанијата

ЗАМИНУВАЊЕТО НА ШЕФОВИТЕ ПОЗИТИВЕН СИГНАЛ ЗА ИНВЕСТИТОРИТЕ - Акциите на Боинг растат по промената на раководството на компанијата

СЕ ОГЛАСИ КОМЕРЦИЈАЛНА ПО ПРОДАЖБАТА НА ИМОТОТ НА ЕУРОНИКЕЛ - остануваме посветени да се наплатат доверителите и вработените, должниците веднаш да си ги платат обврските

СЕ ОГЛАСИ КОМЕРЦИЈАЛНА ПО ПРОДАЖБАТА НА ИМОТОТ НА ЕУРОНИКЕЛ - остануваме посветени да се наплатат доверителите и вработените, должниците веднаш да си ги платат обврските

Доларот зајакна по најавата за намалување на каматните стапки

Доларот зајакна по најавата за намалување на каматните стапки

ПОМАЛИ ТРОШОЦИ ЗА ПРЕКУГРАНИЧНИ ТРАНСАКЦИИ СО ПРИСТАП КОН СЕПА - со законски измени до побрз пристап

ПОМАЛИ ТРОШОЦИ ЗА ПРЕКУГРАНИЧНИ ТРАНСАКЦИИ СО ПРИСТАП КОН СЕПА - со законски измени до побрз пристап

КИНЕСКОТО ЧУДОВИШТЕ ЗА ОНЛАЈН ШОПИНГ СТАНУВА СЕ ПОГОЛЕМО:„Амазон е на стероиди!“

КИНЕСКОТО ЧУДОВИШТЕ ЗА ОНЛАЈН ШОПИНГ СТАНУВА СЕ ПОГОЛЕМО:„Амазон е на стероиди!“

КОЈ ПЛАТИ 753 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА АКЦИИ НА СТОПАНСКА БИТОЛА ВО ЕДЕН ДЕН - има ли ова поврзаност со најавеното припојување кон Комерцијална банка

КОЈ ПЛАТИ 753 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА АКЦИИ НА СТОПАНСКА БИТОЛА ВО ЕДЕН ДЕН - има ли ова поврзаност со најавеното припојување кон Комерцијална банка