28 Март, 2024
0.1448

„Бегаат“ од Влада, а пуштаат спинови за нови министри

Објавено во: Анализа 20 Октомври, 2017

Добивај вести на Viber

Потегот на Зијадин Села, претседателот на Алијансата за Албанците во вториот круг на локалните избори да коалицира со БЕСА внесе голема конфузија во албанскиот политички блок и разбирливо незадоволство кај Али Ахмети кој е клучен коалициски владин партнер. 

Алијансата водеше во првиот круг единствено во Струга каде во вториот круг Села дефинитивно ќе победеше и без поддршката на БЕСА. но целата операција е да му се помогне на Таравари во општина Гостивар кој по се изгледа и не е така омилен меѓу народот како што тврдеше од позиција на министер за здравство во бегство. 

Еве, да речеме дека и Таравари ќе направи пресврт во вториот круг со гласовите од останатите фактори кои се против ДУИ, чуму оваа игранка со која Алијансата си става трн во здрава нога, за да освои општини како Врапиште, Теарце, Дебар? 

Алијансата добро знае дека во кумановските албански општини нема теорија да победи, ниту пак во Чаир, а од скопската територија со ДУИ единствено може да се натпреварува во Сарај и тоа со сите гласови на БЕСА. Секако, Алијансата и БЕСА ќе се обидат да му го одземат Чаир на Ахмети кој таму ќе ја има сигурната поддршка од СДСМ, па ќе се надеваат и на некои гласови на залутани вмровци. И по сите овие математики доаѓаме до првичното тврдење дека Села и неговата партија се одалечуваат од Владата бидејќи нивното место може да биде заменето со пратениците на ДПА, новиот џокер како на Ахмети, така и на Заев. 

Се ова би било во ред доколку не се појавеја спинови со кои се тврди дека ќе следела реконструкција на владата по локалните избори која е неопходна бидејќи повеќе министри ќе станат градоначалници. Овие спинови тврдеа дека Алијансата и БЕСА ќе добиеле по четири повеќе министерски места. Наводно неколку кадри на ДУИ кои се незадоволни ќе го чекале поразот на Ахмети на локалните избори за потоа да бараат смена на раководството. Потоа дури БЕСА ќе влегла во владината коалиција откако кадрите во ДУИ кои и натаму биле блиски до ВМРО-ДПМНЕ ќе си заминеле, што секако е многу убав плод на фантазијата. 

Целиот ршум започна откако СДСМ не му даде поддршка на Села во Струга туку истрча со сопствен кандидат кој за нијанса не успеа да влезе во вториот круг, додека пак ДУИ успеа да го направи тоа со Рамиз Мерко. Алијансата се повеќе се однесува опозициски и не може да игра истовремено на две „свадби“, односно се поизвесно е дека постои простор да ја напушти владата по изборите, но еве и да направат некој успех со БЕСА во вториот круг тоа нема драстично да го ослаби ДУИ. 

Веќе претходно анализиравме дека Чаир е една од најважните општини за СДСМ бидејќи победа за Висар Ганиу ќе значи и оддржување на владината коалиција со ДУИ како најголем партнер, а истото може да се преслика сега во Тетово и Гостивар и по развојот на овие настани дури и во Струга доколку Заев се реши јавно да го поддржи Мерко.

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот