28 Март, 2024
0.0233

Бесценетоста на мајчинската љубов

Објавено во: Колумни 02 Август, 2013

Добивај вести на Viber

Зборот мајка-чуен, напишан, изговорен, повторен,мислен, безброј пати,со и без причина, за љубов, за среќа, за празник, за делник,  за честитка, за радост, за болка, за спомен и сеќавање. Во мислите и во говорот на секој човек не постои збор со поголемо значење и вредност од мајка. На пиедесталот на поими изговорени, со суштинско значење, формално и содржински, приматот неприкосновено и припаѓа на зборот мајка. О колку е вреден, значаен, благороден, потребен, неопходен, насушен, неизоставен, бесценет поимот мајка. Често со причина, но некогаш и без посебен повод, го изговараш, секојдневието ти е незамисливо без неколку пати повторениот збор мајка, дали за радост и убост, дали за тага и болка-физичка и духовна, дали за повик за помош, дали за пофалба и новост. И во недоглед, безвременски и безпричински може да покажуваме, укажуваме и докажуваме колку ни значи и колку поимно го изговараме, свесно и махинално зборот мајка.

Тие се разбираат со поглед, мајката го чувствува секој инстинкт... Создавањето и носењето на нов живот, неговото растење и развивање е во мајчинската утроба. Првиот плач кога доаѓа на свет нов живот го слуша мајката и во тие мигови на болно раѓање сета болка исчезнува бидејќи виделината на денот ја здогледува нов живот, малото беспомошно суштество кое запознавајќи го новиот свет и новата средина, така беспомошно првиот контакт го остварува во мајчината прегратка. Очињата на новото битие светнуваат кога ќе ги погледнат очите на неговата создадетелка, тие се разбираат со поглед, мајката го чувствува секој инстинкт и секој нагон на своето чедо и мајчински реагира за да го нахрани, успокои и задоволи своето чедо. Вкусот на храната, која значи опстанок, егзистенција, раст и развој малото битие за прв пат ја почувствува на мајчината града и со самиот допир, милно раздразнетоста ја заменува со задоволство, а мајката смирено, со очи полни љубов го храни своето малечко давајќи му молитви и благословувајќи го за радости, убости и животни благодети. Сета социјализација во текот на животот, сите навики и воспитни механизми детето ги восприема од мајката, која на себесвојствен начин умее сите вредности да му ги пренесе и полека да го подговтвува за живот во општеството.  Најчестиот прв збор  на секое мало битие е зборот мама, кога сака да ручка, да добие нешто, кога има физиолошка потреба, но и кога љубопитно се соочува со животни прашања и предизвици-дотогаш за него непознати.  А радостите и грижите на своето дете на свои плеќи, храбро, достоинствено и борбено ги носи мајката. И да ти упати збор со прекор тоа не боли Колку песни се испеани за неа, колку стихови се напишани за мајчината љубов, колку слики се насликани за мајката, колку текстови, прозни дела, но и драми се напишани во кои централен лик е мајката. И да е грешна во одреден момент и да те скара и подвикне и да ти упати збор со прекор тоа не боли, тоа значи само насочување и укажување на вистинскиот пат. Ана Карењина е литерарен лик за кој постојат низа небулози, спекулации, размисли, пофалби и осуди, но сепак во суштината на нејзиниот лик вредносно се издигнува ликот на мајка. И уште илјадници ликови прикажани во поеми, песни, драмолетки, романи на мајки ја покажуваат и докажуваат големината, бидејќи пишуваш и твориш за нешто што е многу вредно.  Филмските ликови, кои секојдневно ги окупираат малите екрани колку и да се испреплетени, она што се запомнува и што ја носи фабулата е ликот и делото на мајката. И во недоглед може да се пишува и говори за значењето што го има мајката во секојдневието. Мајката му дава душа и срце на своето чедо Звезда водилка, онаа која ти го покажува патот, онаа која те грее и топли кога ќе ти застуди, онаа која те милува и бакнува кога се радуваш или тагуваш, онаа која се смее со тебе на твоите шеги и плаче со тебе леејќи солзи гледајќи те во болка, онаа која стрепи за секој твој животен миг е мајката. Мајката најмногу се радува на успесите на своето чедо и најмногу пати за доживеаниот неуспех. Мајката гордо крева глава кога ќе се пофали нејзиното чедо, но и крвнички го брани ако е нападнато. Мајката ги прима сите пофалби, но и на сопствен грб ги носи сите проблеми на најмилото. Мајката му дава душа и срце на своето чедо, му подава рака во мигови на среќа и болка, се тресе над него кога е тажно но и со полна уста воскликнува од радост кога доживува успех. Мајката го има оној мајчински инстинкт и мајчинско претчуство кога детето и е во опасност, но и онаа позитивна трема и возбуденост кога детето и е среќно.  Е ЗАТОА МАЈЧИНСКАТА ЉУБОВ Е БЕСЦЕНЕТА, НАЈДЛАБОКА И НАЈГОЛЕМА. Проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова П.с. За мојата добродетелка, за мојата морална икона, за мојот животен учител...одозгора ќе ми се насмевнуваш на секое исполнето мое ветување и ќе не чуваш...моја ѕвездо секогаш најсјајна на небото...те сакам бескрајно.... Почивај во мир мајчице...

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?