29 Март, 2024
0.0259

Без граѓански притисок градоначалниците ќе уживаат 4 години

Објавено во: Анализа 14 Септември, 2017

Добивај вести на Viber

На десетина дена пред официјалниот старт на изборната кампања за локалните избори во октомври се уште поинтересно е да се разговара за тоа кој се ќе се кандидира и кои се кадровските решенија на партиите. Како да гледаме квиз „Кој сака да биде градоначалник“, често и прогнозираме, па може да падне и некоја кладба ако сме премногу сигурни дека ете некој партиски член ќе ја добие наклонетоста на лидерот и ќе може да се кандидира да ни ги реши локалните проблеми.

Тоа што недоставува овој период пред да започне кампањата е недоволната граѓанска активност да се испорачаат барања за тоа какви општини и локална самоуправа сакаме. Зарем е толку важно името на градоначалникот, претседателот на советот на општината или советниците ако истите чуствуваат дека немаат никаков притисок од своите гласачи за горливите проблеми. Генерално досега се говореше за загадувањето, за штетните честички во воздухот кои се појавуваат секоја зимска сезона, за сообраќајните и инфраструктурни проблеми, но населбите и општините се многу повеќе од тоа. 

Сите сме дел од поврзан организам со проблеми кои не така лесно се решаваат, со години нема никаква иницијатива за нивно надминување, ниту пак визија како за наредните 5,10, 20 години. Многу е лесно да се критикува општинското раководство, еве цел мандат не мрднаа со прст само џебовите си ги наполнија. 

Можеби и навистина е така, но каде се локалните заедници да покажат сплотеност и свесност за состојбата во која се наоѓаат. Скопје конкретно прерасна во град со нееднаков раст. Одредени населби се урбанизираа на колку толку правилен начин, други пак иако се модерни добија чудовишни згради и десеткување на животните ресурси, додека пак трети се оставени сами на себе без никакви вложувања. 

Еколошките и инфраструктурните прашања, вклученоста на граѓаните во носењето на одлуките на локалната самоуправа, зголемување на локалните активности и поддршка на иницијативите за локални настани мораат да произлезат од самите граѓани и да бидат наметнати пред политичарите. Ова е идеален период за такво нешто, бидејќи во екот на кампања сите ќе сакаат да ветат се и сешто за да добијат што е можно повеќе гласови, а потоа по изборите со продолжен притисок истите ветувања и да почнат да ги реализираат. 

Градоначалниците и советите имаат неверојатна удобност како никои други политичари во земјава бидејќи четиригодишниот мандат им е речиси гарантиран и знаат дека фотелјите удобно ќе ги служат. Затоа само персоналните промени не се доволни, ниту пак промена на партијата на власт во општината ќе донесе нешто значително ново.

Автор: Христијан Станоевиќ


Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот