Блок на РЕК Битола не работи, увозот на струја ќе се зголеми, цената неизвесна
Објавено во: Економија 08 Јануари, 2017
Производството на електрична енергија во РЕК Битола е намалено поради прекинот на работа на еден од блоковите како последица на екстремно ниските температури, па за потребите на граѓаните ќе мора да следи снабдување со струја од увоз што може да ја крене цената.
Поради ова, ЕЛЕМ распишал итен тендер за 400 мегават часови кои биле потребни да се надомести потребната струја за периодот од 20 до 24 часот вчера на Божиќ.
Деновиве, поради минусните температури имаше прекини во снабдувањето со струја во повеќе делови во земјава, а дел од граѓаните излегоа и да протестираат, како жителите на населбата Баир, Битола кои блокираа пат поради тоа што долго време биле оставени без струја на ниските температури.
Социјалдемократскито сојуз на Македонија (СДСМ) излезе со соопштение во кое ја критикува власта поради прекините со струја и велат дека со увозот власта сака да ги сокрие направените грешки во енергетските политики.
- Во интерес на навремено информирање, бараме Владата во заминување веднаш да им соопшти на граѓаните дали ги остави без струја! Дали има сериозен ризик домакинствата да останат без струја, затоа што е драстично намалено домашното производство на струја?
Тие велат дека според нивните информации состојбите се сериозни и граѓаните имаат право да знаат кој е виновен што Македонија е речиси без струја и колку ќе чини увозот.