Бошњаците од Санџак од Белград и ЕУ побараа автономија
Објавено во: Балкан 04 Ноември, 2017
Во соседна Србија Бошњаците од Санџак бараат автономија.
Претседателот на Бошњачкиот национален совет во Србија, Сулејман Угљанин вчера побара од српските власти и од Европската унија да се распишат „избори за формирање на територијана автономија на српската областа Санџак“, каде мнозинството од жителите се Бошњаци.
Угљанин, кој е и лидер на Партијата за демократска акција на Санџак (СДА), нагласи дека барањето го базира на резултатите од референдумот за автономија на Санџак од 1991 година, кој не е признат од страна на Белград.
Лидерот на Бошњаците во Србија, исто така, побара и да се утврди датум за повлекување на српската полиција, војска и разузнавачки служби, како и на српските правосудни органи од Санџак.
Тој тврди дека Бошњаците се „туѓо тело во земја во која институциите се нарекуваат српска војска и српска полиција“ и дека државните органи кон бошњачкото малцинство се однесуваат непријателски и дискриминаторски.
Овие изјави на Угљанин, српскиот министер за одбрана Александар Вулин ги оцени како провокативни. Тој додаде дека претседателот на Бошњачкиот национален совет сака да предизвика „неред и немир“, затоа што му пречи мирот и законитоста во Србија.
„Војската на Србија не е окупаторска сила за да се повлекува, таа е дел од секојдневниот живот на секој од нас и е чувар на нашата земја, како и на нашиот начин на живот. На тој што му пречи војската, му пречи и Србија, а му пречи и мирот и законитоста“ - вели Вулин.
Вулин вели дека војската, полицијата и правосудните органи ќе продолжат да се грижат за мирот и законитоста на територијата на Србија и да ја гарантираат безбедноста на секој граѓанин, без оглед на верската или националната припадност.
По референдумот во Каталонија за независност од Шпанија, вакви идеи се појавија ширум Европа, но и на американско тло.