Брегзит чека амин од Кралицата
Објавено во: Свет 16 Март, 2017
Кралицата Елизабета II се очекува да го потпише денес законот за Брегзит, пишува весникот London Evening Stabdart. Потоа премиерката Тереза Меј може да ја започне постапката за напуштање на Европската унија од страна на Велика Британија.
Во вторникот Меј објасни пред членовите на парламентот дека во следните неколку дена се очекува кралската согласност, а потоа ќе се врати во Долниот дом, за да го објави активирањето на постапката наведена во член 50 од Лисабонскиот договор.
Се очекува кралската согласност да биде примена во 11:00 часот по локално време денес, а потоа премиерот може да го извести официјално Брисел дека ја напушта Европската унија. Тоа ќе значи отпочнување на постапката, која ќе трае две години.
Потсетуваме дека во почетокот на оваа недела законот за Брегзит беше одобрен и од двата дома на британскиот парламент, а согласноста на кралицата ќе го финализира усвојувањето. Потегот уследи откако министрите беа обвинети дека „одат по работ на амбисот со завој на очите“", по изјавата на министерот за Брегзит Дејвид Дејвис, дека не се направени проценки за евентуалните економски последици, во случај дека Велика Британија не успее да дојде до договор со останатите земји во ЕУ.
Тереза Меј од своја страна коментираше дека има подготвеност да излезе од преговорите за заминувањето на ЕУ без таков договор. Според неа „недостиг на договор е подобро од лош договор“.