Брнабиќ ќе го покани Заев на заедничка седница на владите во Белград
Објавено во: Балкан 24 Август, 2017
Српскиот претседател, Александар Вучиќ денеска ја известил амбасадорката на Македонија во Србија, Вера Јованвска Типко дека српската премиерка Ана Брнабиќ ќе упати покана до македонскиот премиер, Зоран Заев за одржување заедничка седница на владите на двете земји до крајот на годинава во Белград.
Вучиќ и Јовановска Типко, како што пренесува Танјуг, разговарале и за што побрзо одржување на Мешовитиот комитет за економска соработка.
„Сите сметаме дека е потребно да работиме вредно и одговорно на унапредување на нашите односи“ - рекол Вучиќ.
Тој разговарал со амбасадорката и за можностите за унапредување на добрососедските односи и на традиционалните пријателски врски меѓу двете земји и нивните народи.
Како теми за кои би се разговарало на зедничките состаноци кои претстојат, би биле унапредувањето на соработката во сите сфери, особено во економијата, туризмот и заедничкиот настап на трети пазари. На средбата е потенцирано и значењето на соработката во областа на науката и културата и заштитата и зачувувањето на јазиците на српското и на македонското национално малцинство во двете земји. Констатирано е и дека соработката на стопанските комори на двете земји е многу добра за што показател е и основањето на Српско-македонскиот бизнис клуб.