29 Март, 2024
0.0264

Буџет 2013: за ВМРО е развоен, за СДСМ е предизборен, за НДП е етнички!

Објавено во: Анализа 19 Ноември, 2012

Добивај вести на Viber

Предлог буџетот за 2013 година влезе во матичната собраниска комисија за финасирање и буџет. Со рекордни 1200 амандмани, опозицијата ќе се обиде да ја предомисли Владата да изврши корекција кај некои буџетски ставки. За власта предлогот буџетот е реален и развоен, но и соодветен одговор на европската должничка криза. Главна задача е да го подржи економскиот раст кој за 2013 година е проектиран на 2%. Ставрески: буџетот за 2013 ќе ги штити најранливите категории на граѓани Министерот за финансии Зоран Ставрески во своето експозе пред пратениците, образложувајќи го предлог буџетот за 2013 година потенцираше дека подршката на економскиот пораст е изразен и на приходната и на расходната страна. „ Владата предлага буџет во кој нема зголемување даноци, односно истите се задржуваат на идентично ниво со што Македонија ќе има и натаму најниски даноци во Европа“, изјави Ставрески. Тој смета дека тоа е директна поддршка за македонското стопанство и македонската економија. Приоритетите на расходната страна на буџетот за 2013 година се насочени кон заштита на најранливите категории на граѓаните, објасни Ставрески. „Во буџетот за 2013 година предвидено е најголемото зголемување на буџетот за социјална заштита за 10 проценти, во здравството за 13 проценти, шест проценти раст за земјоделството и 2 кај образованието и спортот. Во рамките на социјалната заштита во буџетот за 2013 се предвидени средства за зголемување на пензиите за 284 илјади пензионери, кои ќе добијат зголемување од 550 денари, линерано секој пензионер, почнувајќи од март 2013 година“, потенцираше Ставрески. СДСМ: Владата ги купува гласовите на пензионерите За СДСМ предлог буџетот за 2013 година е буџет на немоќ. Вака поставен,буџетот за 2013 година според нив е проектиран само до изборите во март, а потоа ќе следела суровата реалност во која граганите ке се борат за егзистенција. „Ова е буџет за предизборно купување на пензионерски гласови и социјалци, буџет на тешка сегашност и украдена иднина,неликвидно стопанство и богата влада“, изјави Марјанчо Николов од СДСМ, прашувајќи уште и зошто нема пари за заостанатите 14 плати на работниците од загубарот ОХИС, зошто нема пари за стечајните работници. „Ако е криза зотшо се зголемени договорните услуги, вработувањата, купувањето мебел,  коли, зошто 11 милиони евра за реклами и промоција“, ијзави Николов. Задолжувањата на државата повторно ги раскараа пратениците „Ќе побарам на расправата да присуствува и гувернерот на НБРМ, Димитар Богов, ќе му испратам и официјално барање, за да видиме која е таа неоопходна потреба што прв пат во овие 20 години официјално сте напишале дека ќе земете од државните депозити 200 милиони евра за да вратите долгови. Само за 4 години од 2008 до 2012 сте не задолжиле за една миијарда евра. За што ги потрошивте парите“, праша Марјанчо Николов од СДСМ. Според министерот за финасии, Зоран Ставрески земјата се задолжува разумно, без да го загрози државниот долг. „Од таа сума 1 милијарда на отплати за периодот заклучно со 2017 година, 490 милиони евра се отплата на заеми кои што се земени во времето на СДСМ. Еве конкретно во 2015 година ќе се отплати еврообврзницата од 150 милиони, таа е земена оправдано, не велам неоправдано во 2005 година“, возврати Ставрески. Капиталните инвестиции зголемени за 10,4% Развојната компонента на буџетот и поддршката на економијата, според министерот за финасии Ставрески е пред се изразена во високото ниво на капитални инвестиции, кои се проектирани на ниво кое за 10,4 проценти повисоко од овогодинашното. Министерот посочи дека со почнување на неколку крупни инфраструктурни проекти, пред се, во делот на транспортната мрежа, железничката инфраструктура ќе се придонесе за реализација на економскиот раст кој е предвиден на два проценти. Албанските опозиционери сметаат дека буџетот е правен по етнички модел Албанските опозициони парламентарци сметаат дека и овој буџет е скроен по етнички модел. Тоа можело да се констатира доколку се погледнат средствата одвоени за министерствата и општините водени од партијата ДУИ. Изет Зекири, од партијата на Руфи Османи, НДП, кои за предлог буџетот имаат поднесено повеќе од 400 амандмани смета дека  малку пари се издвоени за децентрализација. „Неприфатливо е голем дел од парите да се двојат за Скопје 2014 и за долговите од овој проект, а да се намалуваат средствата за проекти на општините“, изјави Зекири. Предлог буџет за 2013 година 2,7 милијарди евра изнесува буџетот за 2013 година идентично како и овогодинешниот. Вкупните приходи во предлог буџетот за 2013 година изнесуваат 2,4 милијарди евра. Буџетскиот минус е продлабочен на 3,5% и ќе се покрива со задолжувањата дома и надвор кај странските деловни банки. Инфлацијата е проектирана на 3,5%. Порастот на економијата ќе изнесува 2%. Речиси половина од државната каса и годинава ќе се троши за плати на администрацијата и за исплата на пензии и социјална помош. Предвидени се и 135 милиони ерва субвенции за земјоделците.   И.М

Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот