БУГАРСКАТА ВЛАДА СО ОЛЕСНУВАЊА: 53.000 македонски граѓани ќе добијат бугарски документи во покус рок
Објавено во: Балкан 20 Септември, 2017
Бугарскиот вицепремиер Валери Симеонов вчера изјави дека имаат 53.000 поднесени барања со приложени соодветни документи од граѓани на Македонија кои што не можат да станат бугарски државјани поради одредени недостатоци во законодавството.
Целта на бугарската Влада, вели тој е рокот за добивање бугарско државјанство за Македонци да се намали до шест месеци, наместо две до три години, па и подолго, колку што трае процедурата во моментов, објави агенцијата БГНЕС.
„Нашата цел е периодот за добивање бугарско државјанство, кога сите документи се исправни, да го сведеме на шест месеци. Тоа е нормален рок, а од тие шест месеци, четири месеци и 17 дена ќе траат процедурите што се извршуваат во рамките на извршната власт. Останатото време ќе биде за да може потпретседателот да го потпише указот за барателот на државјанство. Но, таму работата се влече, имаме проблеми поврзани со несовршеноста на законите“- изјави Симеонов.
Тој кажа дека се зборувало и за олеснување, скратување на процедурата за добивање сина карта, која е наменета за привлекување висококвалификувани кадри во Бугарија, при што се планира таа да може да се извади за 37 дена.