29 Март, 2024
0.0255

Д-р Крсте Шајноски

Четири години „ФАКТОР“, гласен сведок на општествените премрежија

Ако внимававме дали нашите коментари, анализи, колумни и вести ќе им се допаднат на лидерите, менaџерите и останатите елити, денеска ФАКТОР немаше да биде ФАКТОР.

Објавено во: Економија, Колумни 03 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

Полека, но сигурно стигнавме до бројката од 4 години како „ФАКТОР„ дава свој прилог во откривањето и ширење на вистината за состојбите во земјата. За жал, власта во овој изминат период и покрај сите откритија за нејзиното некомпетентно и нерегуларно владеење продолжува со пропагандата со полувистини и манипулации за нејзините успеси, притоа деградирајќи го и знаењето како основа за ширење на вистината.

Се’ што се направи во образованието, божем, со намера да се унапреди, заврши со фијаско што се манифестира, во голема мера, со стекнување дипломи без учење. Уште полошо е тоа што, во практиката, не доаѓаат до израз ниту постоечките знаења на луѓето на раководни позиции  во органите и институциите на власта. Лесно го прифаќаат игнорирањето на знаењето, дури иако се свесни за ненадокнадивите штети во општествениот развој кои произлегуваат од тоа.

Тогаш чуму знаењето и зошто не се применува?

Да конкретизирам. Бившиот министер за финансии Ставрески точно знаше дека монетарната стратегија на таргетирање на девизниот курс е корисна и ефикасна во ситуација кога се  совладуваат високите инфлаторни процеси во економијата, а по стабилизирањето на цените, посоодветно е да се одбере стратегија со некој тип на флуктуирачки курсеви. Меѓутоа, ништо не направи постојната стратегија да се корегира и покрај тоа што нејзината примена во практиката предизвика пораст на каматните стапки, дестимулирање на инвестиционите активности, забавување на растот, пораст на трговскиот дефицит и јавниот долг.

А Богов, барем според она што го пишува, исто така знае, дека монетарната стратегија која ја спроведува доследно не може да ги даде очекуваните резултати доколку нема дисциплина и ефикасност во буџетската потрошувачка. Катастрофално е што и по 4-5 години промашени стратегии за фискална консолидација тој уште истрајува на постојната монетарна стратегија. Уште ги игнорира последиците од раскалашеното буџетско трошење. Неверојатно е дека не гледа оти и тој аминува за порастот на долгот. Проблем е што не прави ништо да се сопре таквиот тренд. А тоа што најавува дека ќе ја поддржи буџетската политика и за наредната година, само најавува дека товарот ќе го понесат бизнисмените и граѓаните (ќе продолжи со мерки на внатрешна девалвација). Тогаш, чуму знаењето?

Кога ќе се обелоденат податоците за привлекување на странските директни инвестиции и ефектите од вложените средства ќе може да се оценува и знаењето на магистерот Груевски  во однос на практиката што ја спроведува. Со оглед на одбраната пред познати професори голема е веројатноста дека ќе се утврдат големи разлики во прикажаното знаење и практиката која, и покрај бројните критики, не е подготвен да ја корегира. Не му смета дури ни тоа што во Технолошко индустриските развојни зони со големи стимулации привлекува странски капитал за текстил, кожа, автомобилски делови и галантерија и други производи кои земјата пред неколку децении ги извезуваше.

Нема прогрес во општество каде  политичката елита, особено водачот, настапува како „се’знајко“. Тој ја зароби силата и моќта на знаењето кај другите, вклучувајќи ги и врвните интелектуалци во сите општествени области на тој начин што сите кои покажуваа поинакви ставови и мислења од неговите набрзо ги чувствуваа последиците од неговото незадоволство. Мнозина од нив се најдоа на листите на неподобни, па дури и предавници на земјата. Националното ткиво никојпат не било толку поделено.

Лидерот го подели општеството на патриоти и предавници, не само во политичкиот живот, туку во сите сфери на општественото живеење. Во администрацијата се знаат кои се „наши“, а кои се другите. Во бизнисот ги разликуваат фирмите блиски на партијата на власт и  другите, а голема разлика меѓу нив нема. И едните и другите треба да платат што постојат на пазарот. Првите „доброволно“ се јавуваат како спонзори на партијата, а другите се рекетираат, како нормална активност на партијата која ги добила изборите. Си формираа и универзитети за „своите“ студенти и професори и ги подели и студентите и професорите на лојални и предавници. Дури и доброволците што помагаа на поплавените во скопско  беа поделени. Поголемиот број биле на неговата партија, а другите на опозицијата...

Ваквата практика нема никаква врска со знаењата за функционирање на опоштествата и државите. Станува збор за груби деформации на демократските принципи на организирање на власта. И не е случајно што за овие прашања постои молк не само во политичките туку и во интелектуалните кругови. Нетранспарентноста е тотална. Со години не можете да се потсетите на некакви научни и стручни расправи за нив.

Нема перспективна иднина додека наместо знаењето, доминираат импровизациите со илјадници проекти, проекти многу погодни за корупциски постапки и однесувања. За жал „интелектуалците“ се помирија со лидерската популистичка практика сведена на ветување. Свесно или така им одговоараше, тие го потценија сопственото знаење и знаењето на другите и го аминуваа незнаењето преку разни манипулации и импровизации во управувањето со земјата.

На повеќето наши интелектуалци стравот (само тие знаат точно од што) им го смрнзал знаењето. Но, не може да има алиби, доколку интелектуалецот знае како треба, а премолчува. Тогаш не е интелекталец, туку конформист со одреден квантум на знаење, кој несака да си го расипе комодитетот  кој  го стекнал. Таквите  интелектуалци ја сносат клучната одговорност. Тие избраа да молчат,  од страв, веројатно, да не се замерат со власта и лидерот.

„ФАКТОР“ четири години не молчи. Јавно,  гласно и  транспарентно ги презентира своите согледувања  за состојбите во државата. Неговите новинари и колумнисти без задршка укажуваат на аномалиите во сите свери на општественото живеење. Одговорноста на сериозен медиум е да не премолчува пред фактите, па макар тоа не му се допаѓало на лидерот, кој и да е .

Кога пред четири години го формиравме „ФАКТОР“ јасно се обврзавме дека уредувачката политика ќе ја конципираме според слоганот „Коментарите се слободни, фактите се свети“. Некогаш им се допаѓаме на читателите, некогаш не, некогаш се гневни, некогаш се среќни, но нашата цел е секогаш да не’ почитуваат заради фактите. А почитта се гради со бескомпромисен однос кон вистината. Не правиме калкулации од типот на нашите „интелектуалци“. Ако внимававме дали нашите коментари, анализи, колумни и вести ќе им се допаднат на лидерите, менaџерите и останатие општествени елити, денеска ФАКТОР немаше да биде ФАКТОР.

ФАКТОР се стреми да им се допадне на читателите кои ја сакаат вистината, па и кога не им е по ќеф, кои протежираат вистински вредности, повеќе или помалку, подзаборавени во изминатите години, токму поради молкот на „интелектуалците“.

Но, ние тука не застануваме, продолжуваме ... Четири години е само почеток за „ФАКТОР“!  

Можеби ќе ве интересира

ЗА ЕДНО ЕВРО РУЧЕК И ПРЕВОЗ: Oва е најевтината земја за живеење

ЗА ЕДНО ЕВРО РУЧЕК И ПРЕВОЗ: Oва е најевтината земја за живеење

МИЗО ПОТВРДИ ДЕКА ЗА ОВА РАЗГОВАРАЛЕ СО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ: Македонија треба да се адаптира на глобалниот минимален данок на добивка од 15 oтсто

МИЗО ПОТВРДИ ДЕКА ЗА ОВА РАЗГОВАРАЛЕ СО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ: Македонија треба да се адаптира на глобалниот минимален данок на добивка од 15 oтсто

ПЧЕНИЦАТА ПОЕВТИНИ: Цената на златото и нафтата скокнаа

ПЧЕНИЦАТА ПОЕВТИНИ: Цената на златото и нафтата скокнаа

БИТИЌИ Е ОПТИМИСТ: Вели дека со влезот во ЕУ просечната плата ќе изнесува 1.300 евра

БИТИЌИ Е ОПТИМИСТ: Вели дека со влезот во ЕУ просечната плата ќе изнесува 1.300 евра

Новите газди го вратија стариот сјај! Како „Скопски пазар“ ќе направи над 10 милиони евра приходи?

Новите газди го вратија стариот сјај! Како „Скопски пазар“ ќе направи над 10 милиони евра приходи?

ВЛЕГЛЕ ВО КАНЦЕЛАРИЈАТА НА GOOGLE ВРЕДНА ДВЕ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ - „баш е таква каква што ја замислувавме, право одморалиште“

ВЛЕГЛЕ ВО КАНЦЕЛАРИЈАТА НА GOOGLE ВРЕДНА ДВЕ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ - „баш е таква каква што ја замислувавме, право одморалиште“

ЦЕНТРАЛНОЕВРОПСКИ ДОГОВОР ЗА СЛОБОДНА ТРГОВИЈА - ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРОТОКОЛ 6 - еве кои се предностите

ЦЕНТРАЛНОЕВРОПСКИ ДОГОВОР ЗА СЛОБОДНА ТРГОВИЈА - ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРОТОКОЛ 6 - еве кои се предностите

Битиќи: Во 2025 работна недела од 7 часа дневно во одредени сектори

Битиќи: Во 2025 работна недела од 7 часа дневно во одредени сектори

МАКЕДОНСКИТЕ ЧОКОЛАДИ САМО МАЛКУ ПОВКУСНИ ЗА СТРАНЦИТЕ - како „Европа“ профитираше со 600 илјади евра и дали е тоа добар резултат

МАКЕДОНСКИТЕ ЧОКОЛАДИ САМО МАЛКУ ПОВКУСНИ ЗА СТРАНЦИТЕ - како „Европа“ профитираше со 600 илјади евра и дали е тоа добар резултат