25 Април, 2024
0.3072

Четврто послание од Америка

Објавено во: Колумни 20 Септември, 2016

Добивај вести на Viber

После три посланија од САД некои од моите пријатели ми забележаа дека ја „идеализирам“ Америка. Се разбира дека има извесна доза на стереотипизација на состојбите од која нужно следуваат„романичарски“ вознеси. Сепак, тоа е свесно. Затоа да не се разбереме погрешно, Америката е полна гнасотилоци и темни страни и мислам дека нема потреба да ги тематизираме, особено што голем дел од нив во нашата перцепција се предимензионирани и ни служат за демонизирање на империјата. На крајот на краиштата, јас решив да ја гледам и прикажам светлата страна. Или барем она што мене ми се виде такво. 

Претходните три посланија се занимаваа со поимот на слободата. Во првото, редот и поредокот во САД се доживуваше како закана на слободата, додека во второто послание, истиот тој закон и ред беше третиран сосема спротивно - како остварување на слободата во заедницата. Третото послание го стави истиот тој поим во локален, македонски контекст при што истата се покажа како каприц, како бунт и како таква – како неслобода.

Во ова послание сакам да се позанимавам со заедницата, поточно со односот на поединецот – заедницата. Таа дилема е важна за да се открие кохезивноста на една заедница. Да преминам на прашањето впрочем, за да почнеме да ги бараме одговорите. Имено, веќе после првите неколку денови од престојот во САД, забележав дека голем дел од луѓето волонтираат на разни начини и форми. И тоа, од тинејџери, до пензионери. Сите имаа чувство дека треба да придонесат за заедницата. Ова секако има и своја комерцијална страна, затоа што волонтирањето влегува во сечие CV како важна препорака при аплицирањето за работа. А и не е само тоа, затоа што волонтираат и пензионери, да речеме, на кои не верувам дека им е важно да го пополнат своето CV. Но, нејсе, вистинското прашање е зошто тоа воопшто влегло како нешто што е важно за во CV-то, зошто заедницата препознала дека тоа е важно?

Затоа што заедницата е важна. И токму од тоа чувство дека волонтирањето,community work, општокорисната работа е важна за кохезијата на заедницата, станало и важно истото и да влезе во CV–то. Но, тука повторно се прашував – а од каде тоа чувство? Како заедницата го развила истото? Како го натерала поединецот бесплатно, волонтерски да се дава себе си во активности кои се од општо добро?

Ова станува особено интересно прашање ако се зема предвид крајниот индивидуализам што го гаи западното, посебно американското општество. Ова го видов благодарение на контрастот што се исцрта пред мене во споредба со нашето, „источно“ општество. Во мојата скромна академска кариера, за истражувачките потреби имав уникатна прилика да имам студиски престој во двете „типични“ земји, САД и Русија. За време на нешто подолгиот престој во Русија можеби и не го забележав тој недостаток на чувство за заедницата и невклученоста и незаинтересираноста на поединецот за заедницата, но подоцна во контрастот со американската култура, таа разлика ми стана и очигледна и важна. И оттука ми се јави прашањето – како е можно, земја како Русија која 50 и кусур години живеела социјализам и градела комунизам, да не успеала да изгради чувство за заедништво, кога впрочем таа идеологија почива токму на тоа чувство. А од друга страна, држава како САД, која од своето постоење до денес го негува индивидуализмот и акцентот го става на поединецот, успеала да изгради поголемо и посилно чувство за колективност!? Во државите на истокот, каде сè беше колективно, луѓето имаат помалку чувство за колективот, отколку во државите на западот каде поединецот е најважен!? Тоа е просто контрадикторно ако се размисли „на прва“.

Во Русија, на пример, не можете да видите постара, пензионирана госпоѓа како собира отпадоци во универзитетскиот кампус на волонтерска основа и при тоа е горда на својата активност. Во САД можете. Таму ќе видите и пензионери и тинејџери во една група која одработува некаква долгорочна активност за да ја подобри својата заедница. Од каде оваа потреба и пред сè чувство за колективитетот, за заедницата кога САД се засновани, градени и развивани како земја на индивидуалци. Поединецот пред сè е нивната девиза. И тука „ми светна“! Имено, не можете да изградите силна заедница без силен поединец! Е токму затоа тој однос и чувство кон општата добробит! Нема воопшто никаква заедница, драги мои, ако истата е составена од безлични индивидуи, тоа би бил само обичен збир, конгломерат кој вештачки или под притиок го одржува своето заедништво. И при најмал потрес, тоа илузорно, непостоечко заедништво, почнува да пука по сите рабови. Немате силна, кохезивна заедница ако не воспитувате силни, оформени индивидуи кои се почитуваат и себе си и другите.

Секоја умна држава би воспитувала вакви граѓани – силни индивидуи, со изразена свест за себе си, сопствените вредности и потенцијали. Држава која гради полу-граѓани, зависни, мали, плашливи мали човечиња тешко може да изгради заедница. А без тој елемент на заедничарење сите закони, закончиња и правилници не можат да ја спасат заедницата од распаѓање, или во најдобар случај од живуркање. Да посакате да изградите зависни, недостоинствени, плашливи поединци, значи да не сакате да создадете поединци, ergo да не сакате да изградите држава и заедница. Ќе се најде ли маж-мажиште во некоја наша политичка гарнитура што ќе сака да воспитува такви поединци? Од тоа прашање чинам зависи опстанокот на оваа заедница.

Д-р Трајче Стојанов 

Повеќе колумни може да прочитате овде!


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД