CNN со трилер репортажа за лажните вести од Велес
Објавено во: Македонија 13 Септември, 2017
Американските медиуми продолжуваат непотребно да ги идеализираат сајтовите со лажни вести од Велес како едни од клучните за резултатот на американските избори минатиот ноември кога победи Доналд Трамп. Таква е и новата „трилер“ репортажа на CNN од Велес каде успеале да контактираат со извесен „Михаил“, 22 годишен сопственик на сајт со лажни вести кој им објаснува колку многу пари заработува од кликови и реклами. Велес, градот кој некогаш произведуваше порцелан за цела Југославија, денес произведува лажни вести, вели CNN во воведот.
Целата репортажа е атрактивно склопена со убава графика и речиси филмски кадри, но многу малку простор е одвоен за вистинскиот проблем, а тоа е дека вестите Велешани ги преземаат од Американски веб сајтови и многу полесно и побрзо ги шират преку социјалните мрежи, што значи тие самите не ги измислуваат, ниту пак ги продуцираат.
За разлика од претходната, новата македонска влада, пишува CNN, е многу критична на новата индустрија што се развива во Велес.
– Ние ќе преземеме иницијатива за глобално координиран напор за справување со лажни вести и, исто така, го охрабруваме нашето граѓанско општество да помогне во спречувањето на овој феномен преку создавање алатки за откривање лажни вести – изјавил портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.
Но, тие што се занимаваат со лажни вести сè уште имаат барем еден официјален поддржувач – градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев, заклучува CNN.
– Ако зборуваме реално, секој град сака популарност. Најважно е дека ниеден закон не е прекршен. Во политиката нема морал. Во политиката сè е дозволено – вели Чадиев.
CNN потенцира дека велешаните се подготвуваат за претседателските избори на САД во 2020 кога повторно ќе се активираат со сајтови за вести со лесна читаност со надеж дека ќе може да заработат од различните извори на дигитални реклами.