Дачиќ: Или ќе и се придружиме на ЕУ или таа ќе ни се придружи нам
Објавено во: Балкан 06 Септември, 2017
Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, на форумот на Блед рече дека на Европската Унија, имајќи ги предвид постојните околности, денес ѝ е потребно да оствари позитивен поен, а токму Западен Балкан е местото каде што е можно да го постигне.
Се надева дека земјите од Западен Балкан ќе бидат дел од ЕУ пред таа да се распадне. Дачиќ спомна дека ситуацијата во која сега се наоѓа ЕУ е многу полоша од пред неколку години кога претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, даваше изјави дека нема да им проширувања до 2020 година – во меѓувреме се случија Брегзит, победата на Доналд Трамп, мигрантската криза, тероризам.
„Мислам дека во овој момент на ЕУ ѝ е потребен позитивен поен. А каде ќе го оствари, што позитивно ќе ѝ направи тоа и каде воопшто може да има позитивен поен – мислам дека единствено овде во нашиот регион. Или ќе влеземе во ЕУ, или ќе ѝ се придружиме на ЕУ или таа ќе ни се придружи нам. Се надевам дека ќе влеземе во ЕУ пред да се распадне“- изјави Дачиќ.
Тој смета дека регионот толку многу доцни за ЕУ што се добива впечаток дека никогаш нема да влеземе во Унијата.