Дачиќ со одговор за Македонија: Ви смета БЈРМ, а го признавте Косово
Објавено во: Балкан 20 Јануари, 2017
Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ по повод барањето на Скопје, Белград да не го користи името БЈРМ бидејќи е навредливо, изјави денеска дека за Србија е навредливо користењето на називот Репубчика Косово.
Македонското министерство за надворешни работи денес побара од Србија да не го користи „срамното“ име на „Поранешната Југословенска Република Македонија“, туку нејзиното уставно име Република Македонија, бидејќи на фискалните сметки за патарина Србија ја користи скратенката БЈРМ.
„Ние само бараме обостран коректен однос. Ако веќе протестираат поради фискалните на патарината, а што би требало ние да правиме поради нивното признавање на Косово и гласањето во Унеско“ , рекол Дачиќ за српски Новости.
Дачиќ прашал зошто Македонија не ги напушти Обединетите нации , Советот на Европа, ОБСЕ и состаноците во ЕУ.
„Зошто седат под тоа име, а сега им е проблем скратенката на фискалните за патарина на кои тоа истото го пишува? Србија не го променила ставот за признавањето на Македонија, но за Србија е навредливо и срамно кога тие велат „Република Косово“, посочува министерот на соседна Србија.
Дачиќ рекол дека Белград во билатералните односи со Скопје ќе го употребува уставното име но дека мултилатерално ќе ја користи скратенката БЈРМ која се употребува во ЕУ и ОН.