Дачиќ вели дека Харадинај не е жртва, туку воен злосторник
Објавено во: Балкан 10 Февруари, 2017
Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ вели дека косовецот Рамуш Харадинај сaка себеси да се претстави како политичка жртва, но тој е всушност воен злосторник.
Во изјава за РТС тој вели дека Приштина нема право според Резолуцијата 1244 да формира војска на Косово.
„Тие не можат без гласови од Српската листа да донесат таква одлука. На тоа немаат право поради Резолуцијата 1244 и таква одлука би била нелегална. Според таа резолуција, единствени вооружени сили се ОН -КФОР“- вели Дачиќ.
Тој кажа дека формирањето вооружени сили на Косово се дополнителен фактор за нестабилност и Србија ќе се бори против тоа со сите политички средства.
Косовското собрание вчера ја прекина седницата во знак на протест поради одлуката на францускиот суд да го одложи до 2 март одлучувањето по барањето на Србија за екстрадиција на лидерот на партијата Алијанса за иднината на Косово (АБК), Рамуш Харадинај.
Апелациониот суд во францускиот град Колмар го одложи за 2-ри март носењето на одлуката по барањето на Србија.