19 Април, 2024
0.0246

Дали Алијансата за Албанците е новата силна закана за ДУИ?

Објавено во: Анализа 31 Октомври, 2017

Добивај вести на Viber

Алијансата за Албанците е втора по успешно партија од албанскиот блок во Македонија на локалните избори 2017 со освоени три градоначалнички позиции од кои секако најважна е таа на Арбен Таравари кој својата популарност ја материјализираше во општина Гостивар. Освен Таравари, Алијансата победи исто така во гостиварската околина во општините Врапчиште и Чегране, но доживеа пораз во Струга каде Зијадин Села, претседателот на оваа групација, не успееа да го победи Рамиз Марко кој доби масовна поддршка од СДСМ со нивните гласачи како од македонска така и од албанска етничка припадност.

Алијансата очигледно најлошо помина во скопскиот регион, не беше воопшто компетитивна во Чаир каде не им беа од голема корист на БЕСА во коалицијата за вториот круг, а ништо значително не постигнаа ниту во кумановско-липковскиот крај каде и натаму ДУИ доминира. Секако, Кичево и околината не треба ни да ги споменуваме бидејќи таму е најсилниот бастион на Али Ахмети. Желбите на Села и Таравари да се наметнат како вистински избор на Албанците доведе и до неколку контроверзни и провокативни изјави. 

Села речиси и да ја презеде улогата на Груевски кој во декември тврдеше дека ВМРО-ДПМНЕ е партијата која победила кај Македонците, за сега предводникот на Алијансата да тврди дека тие победиле кај Албанците. Села и дополни со обвинувањата кон Ахмети оценувајќи дека ДУИ сега се претвориле во приврзок на СДСМ што е една од најтешките навреди која албанските политичари сакаат често да си ја разменуваат во Македонија. 

Алијансата за Албанците да потсетиме дека е групација која имаше три субјекти но, од нив формално две излегоа и повеќе од шест месеци не се дел од коалицијата, но се дел од поширокиот фронт на СДСМ и ДУИ што исто така е доста комплицирано. Во суштина на Алијансата и фали уште традиционалното гласачко тело кое претходно ДПА го градеше со децении за направи посилен пробив во дворовите на ДУИ во Скопје, Куманово и Тетово и да оствари посериозен резултат на некои наредни парламентарни избори.

Секако, Зијадин Села со својата националистичка и често навредлива реторика против македонскиот народ ја прави Алијансата дури и непожелен владин партнер бидејќи некои работи не смее да се премолат за „поголемото“ добро на власта. Промена на партиски лидер на Алијансата засега е малку веројатен, но се повеќе во фронтален план излегува Арбен Таравари кој често се обраќа на македонски јазик, има многу помеки ставови, има голема популарност како лекар и навидум искреност и посветеност и токму преку него може да расте и имиџот на самата партија која ќе треба да открие сама што сака да постигне и каква реторика ќе продолжи да користи.

Коалицијата со БЕСА најверојатно нема да трае предолго бидејќи сите опозициски партии сакаат да го срушат Ахмети и вечните владетели ДУИ, но со сопствени сили на централно ниво наместо да си сметаат едни на други и да се сопнуваат по секои избори. Дали Алијансата ќе биде токму таа албанска партија која ќе зајакне доволно за да му се спротистави на ДУИ ќе зависи од многу фактори, но тоа е реално сценарио кое секако го посакува Зијадин Села.

Автор: Христијан Станоевиќ


Можеби ќе ве интересира

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!