28 Март, 2024
0.0250

Дали апелот до банкарите, да го зголемат кредитирањето, е осуден на неуспех?

Објавено во: Колумни 04 Ноември, 2013

Добивај вести на Viber

Најодговорните луѓе во финансиската и монетарната сфера во Македонија, минатата недела упатија апели до банките да го зголемат кредитирањето на стопанството. Притоа, и министерот за финансии и гувернерот на централната банка изнесоа аргументи во прилог на потребата и на можностите да се направи тоа. Потсетија дека веќе се зголеми динамиката на економскиот раст и почна да се намалува процентот на ненаплатени кредити. Потсетија дека постои и висок степен на ликвидност во банкарскиот сектор, а монетарната власт, ги создала сите предуслови да се зголеми кредитирањето. Тие тврдат,  банките имаат пари за пласмани, a годинешната стапка на пораст на кредитите во однос на претходната е само 3,7%.  И сега, навидум се’ е во ред, ама кредити нема. Всушност, нема за стопанството, бидејќи кредитирањето на населението се одвива со позасилена динамика, каде процентот на ненаплатените кредити е двојно помал отколку во стопанството.

Во овој сплет на тврдења, неоснован е впечатокот што се создава, а тоа е дека е возмошно да се очекува состојбите набрзо да се променат. Оптимизмот спласнува со укажувањето на гувернерот дека НБМ не може ништо повеќе да направи од тоа што направила досега, а тоа е намалување на референтната стапка на најниско ниво досега како и лепезата мерки со кои се зголемува мотивот на банките за кредитирање. И што е уште поразочарувачки, според првиот монетарец, странските сопственици на домашните банки имале и други мотиви кои не секогаш кореспондираат со барањата на домашните монетарни власти , па ако банките добијат наредба од нивните сопственици да не кредитираат, што и да прави Народната банка, кредитната активност на странската банка останува на нивото на кое бараат нејзините доминантни сопственици.

Ако се има предвид дека нема банкари кои не сакаат да остваруваат профит, а тоа значи да пласираат средства за да остварат поголеми приходи и профит, тогаш очигледно е дека апелите за зголемување на кредитирањето нема до помогнат многу. Тоа не е прашање на сакање или на несакање, туку на интерес. Банкарите ќе кредитираат доколку оценат дека со пласираните средства ќе се остварат активности кои ќе обезбедат профит од кој ќе се овозможи  благовремено враќање на кредитите со договорена камата. Ризикот од невраќање на кредитите мора да сведе на минимум, бидејќи тој, иако се оценува како најповолен во окружувањето, многу го оптоварува крајниот резултат од работењето на банките. Просечната стапка на враќање на вложениот капитал во банките е само 3-4% годишно.

Во овој контекст слободно може да се каже дека пресврт во кредитирањето на стопанството може да се очекува само доколку се воспостават услови во кои ќе се изнуди рационално однесување на сите стопански субјекти. Стопанствениците не може да сметаат на банкарски средства доколку не можат да ги поткрепат своите барања со аргументи од кои банката ќе заклучи дека со аранжманот што ќе го кредитира ќе ги оствари своите интереси без поголеми ризици. Веќе нема, или поточно, не треба да има услови на кредитирање за оние кои не се оспособени да ги оправдаат своите барања за средства од банките. За менаџерите кои не се во состојба да обезбедат средства, заради неспособност, треба да се погрижат акционерите, бидејќи стагнантните ситуации во фирмите го трошат вложениот капитал, без соодветни враќања на акционерите.

За волја на вистината и кај банкарите има значителен простор за промена на однесувањето. Високата стапка за адекватност на капиталот (17,1%, а најниска е 8%)  зборува за стабилност во работењето на банките, но и за комоција на банкарите во барањето на можности за пласмани со кои ќе ги зголемат приходите и профитот, од кој ќе обезбедат повисоки стапки на враќање на вложениот капитал во банките. Не е доволно тие само да чекаат некој да им побара средства, туку треба да се ангажираат и да нудат, односно да изнаоѓаат потенцијални инвеститори (засега, ги најдоа кај населението). Меѓутоа, тоа од банкарите треба да го побараат акционерите. А ќе изнудат промени доколку не се задоволуваат со профити пониски од каматните стапки на депозитите.

Нема сомнение дека интересот на акционерите може да изнуди позитивни промени во однесувањето на менаџерите во стопанството и во банките кои ќе доведат до пораст на кредитирањето. Меѓутоа, прашање е колку е тоа пресудно за денешните состојби во Македонија. Не може да се верува дека и стопанствениците и банкарите не се заинтересирани за остварување на подинамичен развој и повисоки профити. Веројатно има и некои кои не се заинтересирани, ама поголемиот дел имаат објективен  проблем- во постојниве состојби и ценовни односи да извлечат профитабилност која ќе го оправда барањето на кредит, кое ги задоволува и банкарските интереси. Сигнал во оваа насока е однесувањето на странските сопственици во македонските банки. Нема објаснување за забавувањето или застојот во нивното кредитирање на стопанството во Македонија, освен дека, во постојните услови за стопанисување, не наоѓаат интерес и сигурност за пласманите. Во овој контекст не е за потценување ниту  можноста за пласман на банкарските средства во државни хартии од вредност и во благајнички  записи на централната банка. И  се’ додека државата има потреба да ги финансира буџетските дефицити, банките полесно ќе се решаваат да и’ позајмуваат на државата отколку на стопанството кое не може да презентира доволно профитабилни проекти. Сепак, по неколкугодишното забавување на кредитирањето на стопанството, по се’ се чини дека причините треба да се бараат и во неповолните ценовни и курсни односи. Ваквата  ситуација како неопходност  ја наметнува  потребата за преиспитување на  овие релации од страна на макроекономската политика со што би се создал простор за подинамичен стопански развој.

Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?