Дали Коѕиас на крајот на август ќе допатува во Скопје?
Објавено во: Балкан 22 Август, 2017
Шефот на дипломатијата на Грција, Никос Коѕиас на 30-ти и 31-ви август ќе престојува во официјална посета на Македонија, јави Независната Балканска новинска агенција (ИБНА).
Засега за посетата нема официјална потврда од грчкото МНР.
Според информациите на ИБНА со седиште во Атина, Коѕиас ќе има средби со македонскиот државен врв, а ќе се разговара за билатералните односи меѓу двете земји, како и за зајакнувањето на довербата.
Посетата на Коѕиас на Скопје е возвратна, по престојот на неговиот македонски колега во Атина во јуни.
За време на посетата на Коѕиас на Скопје во јуни 2015-та година, тој и неговиот домаќин, тогашниот министер за надворешни работи Никола Попоски, договорија 11 конкретни мерки за градење доверба меѓу двете земји, во повеќе области.
Дел од медиумите во Грција деновиве пишуваа дека во грчкото МНР има дилема и се преиспитува дали Коѕиас треба да го посети Скопје.
„Одлуката на министерот за надворешни работи да го посети Скопје кон крајот на август, како што вети на средбата со неговиот колега Никола Димитрив во Атина, се преразгледува. Причината е последниот напад врз Грција на настан во Торонто на кој присуствуваа владини функционери на Скопје“- пишуваше „Њуз 24/7“.
Грците бараат одрекување од иредентизмот и почитување на границите.