Дали Москва е вмешана во каталонскиот референдум?
Објавено во: Свет 14 Ноември, 2017
Властите во Шпанија откриле групи стационирани од руска територија кои преку активности на социјалните мрежи влијаеле на резултатот на каталонскиот референдум.
Ова се правело со цел да ги дестабилизираат Шпанија и Европската унија. Откриена е серија од лажни профили, од кои 50% биле од Русија, а 30% од Венецуела. Официјална Москва, а и претставниците на каталонската власт негираат каква било соработка околу референдумот. Обвинувања за кибернетичка шпионажа од Русија стигнаа и од британската премиерка, Тереза Меј.
„Потенцирам: од руска територија што не значи дека биле од владата на Русија. Постојат организации од јавниот или приватниот сектор, кои сакаат да интервернираат во националната политика и да создадат нестабилност во Европа“- изјави Марија Долорес де Коспедал, министерка за одбрана на Шпанија.
И дел од раководството на НАТО, чијашто членка е Шпанија, верува дека постои руска стратегија за дезинформирање со цел да го уништи единството на Западот, особено на Европската унија којашто воведе санкции поради анектирањето на Крим. За британската премиерка Тереза Меј, Русија е закана за меѓународниот поредок. Таа најави дека ќе ги здружи силите со сојузниците во борбата против активностите на Москва.