28 Март, 2024
0.0248

Дали понудените реформи се лекот за анемијата во која се наоѓа пазарот на капитал?

Објавено во: Колумни 21 Ноември, 2012

Добивај вести на Viber

Владата одлучи со микрореформи да го раздвижи пазарот на капитал. Ова беше наслов кој одекна во јавноста и предизвика голем интерес кај сите инвеститори, бизнисмени, финансиски аналитичари и кај сите што поседуваат барем една акција. Што фактички значат овие реформи? Раздвижување на македонскиот пазар на капитал преку воведување задолжителна котација на успешните акционерски друштва. Се работи за стимулативни реформски мерки со кои што ќе ги мотивираат квалитетните и ликвидни компании да излезат на Берзата што ќе им биде основен извор на финансирање. Ова е значајно за фирмите како реформска мерка, бидејќи ќе има две придобивки. Прво, фирмите што излегуваат на Берза ќе обезбедат алтернативен начин на финансирање во однос на финансирањето од банките. Тоа значи дека ќе се прошири спектарот на потенцијални акционери, односно ќе може акциите на тие фирми да ги купуваат поголем број на акционери и со тоа фирмата ќе го намали сопственото задолжување. Во исто време ќе обезбеди капитал којшто ќе го намали задолжувањето кај банките, а со тоа ќе се влијае на намалување на цената кај банкарските кредити бидејќи банките сега се во монополска позиција во однос на финансирањето, односно условите на кредитирање зависат од нивна волја. Во моментов, од 539 акционерски друштва во Македонија, само 34 котираат на Берзата. За да компаниите бидат мотивирани Владата ќе ги намали и трошоците за котизација, така што за иницијална јавна понуда тие ќе чинат 5.000 денари за сите институции - Берза, Комисија за хартија од вредност и Централниот депозитар за хартија од вредност. Владата одлучи со Закон да ги натера добрите компании во земјава да излезат на Македонската берза. Тоа значи дека фирмите ќе треба да ги отворат вратите за потенцијалните инвеститори, транспарентно и во строго определен рок да ги објавуваат финансиските резултати, ценовно чувствителните информации, да издаваат нови емисии на акции и така да дојдат до свеж капитал. Со слична мерка владата се обиде и во 2002 година и тогаш од две котирани компании бројот порасна на 98. Беа постигнати одредени позитивни ефекти за развојот на пазарот во тоа време, но тие мерки беа пропратени со низа даночни стимулации. Секаде во светот е престиж да се биде фирма која е котирана на берза, а кај нас се покажа дека е сериозна обврска и товар за фирмите. Многу од фирмите , односно нивните акционери не се спремни да ги објавуваат своите ценовно чувствителни информации, а уште помалку своите финансиски показатели. Компаниите кај нас се спремни да земат кредит да се задолжат кај банките со високи каматни стапки само да не им се разводнува капиталот и да не им се меша некој од надвор во носењето одлуки и во управувањето. Многу наши реномирани компании намерно го намалуваа бројот на акционерите со цел да не се повеке евидентирани во регистерот на КХВ за да ја избегнат обврската да ги објавуваат финансиските и ценовно чувствителните информации. Мерки кои се насочени кон зголемувањето на котирани компании ќе имаат долгорочни ефекти, ефекти кои ќе обезбедат поголема транспарентност на компаниите на страна на понудата. Тоа е вред на долг рок треба да размислуваме за иднината на пазарот на капитал. Но што се случува денес? На пазарот има проблем со недоволна побарувачка за хартии од вредност, недостиг на интерес за инвестирање во хартии од вредност, премногу мал обем на тргување, континуиран пад на цените. Потребни се мерки за мотивирање на инвеститорите за зголемување на довербата да инвестираат во хартии од вредност. Тоа се: ослободување на оданочувањето на капиталните добивки. Со укинат данок на капитална добивка побарувачката за хартии од вредност ќе се зголеми и фирмите ќе можат полесно да дојдат до поевтин капитал за своето работење.

Поповолен даночен третман на одредени сегменти на пазарот на капитал;

Предлог за укинување или олеснување на процедурата за доставување на Аконтативна даночна пријава за утврдување на персонален данок на доход од капитални добивки ПДД-АДП/КД. Согласно Законските одредби, клиентот кој продава акции во Брокерската куќа, во рок од 15 дена на образец добивки ПДД-АДП/КД секоја поединечна трансакција треба да ја пријави во Управа за приходи. Самото пополнување на пријавата бара физичко присуство во брокерската куќа за обезбедување на извештаите за купување и продавање, како и одделување на 15-30 мин за пополнување на образецот за секоја поединечна трансакција. Оваа обврска кон Управата за приходи во голема мера ги одвраќа клиентите од купување и продавање на акции, посебно кога се остварува мала маргина. Зголемување на бројот на акционерските друштва, со вметнување на Законски одредби големите стопански субјекти задолжително да извршат промена во организациониот облик од ДОО во АД.. Законските промени би се извршиле во Законот за трговски друштва и Законот за ахртии од вредност. Таков пример е Законот за Спорт според кој сите спортски друштва да се регистрираат како трговски друштва кои членуваат во првите лиги задолжително мора да се регистрираат како АД. Поактивно вклучување на пензиските фондови. Законска измена иницирана од МАПАС со која би ги принудила пензиските фондови задолжително да инвестираат во акции кои се тргуваат на Македонската берза. Пензиските фондови се реални маркет мејкери со износ на депозити од 200 милиони евра. Развој на инвестициските фондови преку олеснување на условите за инвестирање на пензиските фондови. Регионално поврзување на берзите во регионот преку формирање на интегриран пазар, на кој ќе можат нашите компании да ја истакнат својата вредност. Заштита на малцинските акционери во случај на превземање на акционерски друштва.

Понатамошно подобрување на културата на корпоративното управување во земјата;

Едукација на пазарните учесници и јавноста и промоција на македонскиот пазар на капитал. Ова се само дел од мерките кои треба да се превземат за да се раздвижи берзата. Владата треба да создава амбиент со цел да се врати оптимизмот кај инвеститорите и ќе заживее домашниот пазар на капитал. Ѓорги Палевски – Извршен директор на Поштел брокер  

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?