18 Април, 2024
0.0418

Дали се им е простено на Ахмети и ДУИ?

Објавено во: Колумни 30 Октомври, 2017

Добивај вести на Viber

На овие локални избори најинтересна и најнеизвесна беше трката меѓу политичките партии од албанскиот политички блок каде состојбите беа доста променети ако се земе во предвид дека и СДСМ продолжува да добива огромна поддршка од албанските гласачи. Ако пред две години ДУИ беше дел од „режимот“ на Груевски со тоа што одбиваше да ја раскине предвреме коалицијата сега е на крилјата на нова изборна победа која можеби не е убедлива како во минатото, но секако дава знак дека Ахмети се уште е важен фактор на политичката сцена кој нема да може да биде заобиколен по никој основ.

Обидите да се дискредитира ДУИ како дел од претходната власт очигледно не вродија со плод кај албанските гласачи кои и натаму ги обезбедија бастионите како Чаир секако со голема поддршка за Висар Ганиу од СДСМ, потоа добиен е нов мандат за Теута Арифи во Тетово најверојатно и со ветер во грб од гласачите на ДПА, а секако голема победа беше обезбедена во Кичево уште во првиот круг.

Во пошироката скопска околина, како и во кумановско, тетовско и кичевско исто така ДУИ успеа да ги задржи градоначалничките мандати со победи во Сарај, Липково, Теарце, Кичево, Пласница и Дебар. Рамиз Мерко од ДУИ успеа да победи во Струга и да се врати на градоначалничката функција исто така со огромна поддршка од гласачите на СДСМ за кои да потсетиме се од мешана етничка структура.

Барањата на албанската опозиција СЈО да почне да се занимава и со функционери на ДУИ кои учествуваа во претходните влади не наидоа на силен оддек кај гласачкото тело кое очигледно и натаму му верува на Ахмети иако јасно е дека постоеше незадоволство на предвремените парламентарни избори кога интегративците освоија само 10 пратенички мандати.

ДУИ е засега неизоставен дел од владината коалиција без чии пратеници Заев не може да ја води реформската влада за која постои силен домашен интерес да се одржи што е можно подолго за да ги спроведе неопходните политики, а секако и меѓународна поддршка за заокружување на процесот на излез од исрцпувачката политичка криза која го срози македонското општество и ја турна економијата на колена.

Заев дури и го ризикуваше Села како стабилен владин партнер за да му обезбеди локална поддршка на Ахмети во повеќе општини и одби да застане на пример зад Таравари во Гостивар. Ниту Зијадин Села како лидер на Алијансата не доби поддршка од социјал-демократите во Струга, но тоа се очигледни компромиси на кои Заев е подготвен бидејќи верува дека неговото парламентарно мнозинство нема да биде загрозено. 

Тоа што ДУИ победи во десетина општини од каде ќе црпи голем политички капитал но, и легитимитет пред албанските гласачи не смее да значи заборавање на ветувањата кои Ахмети ги даде за реформирање на партијата. Тој самиот рече дека секој кој што се огрешил пред законот ќе мора да одговара и дека ДУИ од тоа не бега. За жал научени сме дека политичкиот „имунитет“ значи и правен имунитет во Република Македонија каде со години правосудството е тотално поклопено од партиската моќ, но тоа мора да се промени ако навистина сакаме да се реализираат сите ветувања за реформи и коренети измени на македонската политика. 

Автор: Христијан Станоевиќ


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок