Дали за две децении ќе има прекројување на границите на Балканот?
Објавено во: Балкан 15 Јануари, 2017
Актуелното уредување на Балканот ќе остане непроменето во следните 20 години.
Не верувам дека е можна некоја голема промена во наредниот период, вели претседавачот на Претседателството на БиХ, Младен Иваниќ во интервју за белградскиот весник „Политика“.
Тој рече дека не гледа некој кој би можел да го стори тоа.
„За некаква промена потребна е голема согласност на сите клучни меѓународни актери, а такво нешто засега нема. Дури ни во земјите од регионот нема согласност за поинаква рекомпозиција“- кажа Иваниќ.
Смета дека состојбата во Босна и Херцеговина е влошена во последнава година, но мисли дека мирот во земјата не е загрозен. За граѓаните на БиХ вели дека не сакаат војна, а и немаат со што да војуваат.
„Ниту приказните за независност на Република Српска немаат поддршка од официјален Белград, бидејќи со тоа Србија би морала да се откаже од Косово и Метохија“- вели Иваниќ.
Иваниќ додава дека недоразбирања во БиХ се на релација Сараево – Бања Лука. Тој објаснува дека заложбите за сепаратизам од некои сили во Република Српска се последица на провокациите на некои бошњачки политичари во Сараево.