Деца нашле 5.000 евра на улица и ги вратиле
Објавено во: Балкан 06 Февруари, 2017
Бруно Лукиќ(15) и Владимир Згањер(15) во петокот пред спортската сала во Карловац нашле 5.000 евра.
Тие без двоумење се јавиле во полиција, ги дале пари, а брзо се јавил и сопственикот.
Снимале видео за на јутјуб, по што виделе купче пари и мислеле дека некој се шегува со нив и дека се работи за скриена камера.
„Имаше стотина банкноти од по 50 евра, а на нив имаше и лента од банка“ - вели Бруно.
Во тој момент одлучиле дека е најправедно парите да ги вратат кај сопственикот.
За таа цел повикале полиција.
„Ни рекоа да почекаме затоа што веднаш некој ќе дојде. За тоа време еден маж го обиколуваше местото, но не знаевме дали е тој сопственикот или не. Дојдоа, ги дадовме парите и бевме во станица за да ни земат податоци. Таму ни честитаа за чесноста и рекоа дека се потребни повеќе такви луѓе“ - раскажуваат тие.
Истиот ден им се јавил сопственикот за да им се заблагодари. Децата велат дека пак би постапиле исто ако се најдат во таква ситуација. Нив им е драго што парите се вратени назад кај сопственикот.