25 Април, 2024
0.0282

Дедо Мраз постои и Дедо Мраз не постои

Објавено во: Колумни 16 Декември, 2016

Добивај вести на Viber

Доаѓаат така некои години кога децата почнуваат да прашуваат постои ли Дедо Мраз, а ние возрасните се мислиме што да им одговориме, а да не ги разочараме. Па пробуваме:

-Секако дека постои, ти носи подароци.

-Иво ми кажа дека не постои.

-Не знам како тој  разбрал, но...

-Ама како влегува кога ние секогаш заклучуваме?И зошто не ми донесе ајфон 6, како што си побарав? Незнам дали да верувам!

Не само дома. Умните главчиња дебатираат и на училиште. Дали еден учител да ја преземе одговорноста и да ја каже вистината, како што му доликува? Како пред збунетите погледи полни со исчекување искрено да одговори, освен да се снајде и во стилот на искусен политичар да објасни:

-Постои! Секогаш кога некој  дарува од срце за да ги израдува оние кои најмногу ги сака, тој е Дедо Мраз. Кога дарувате, затоа што некого сакате, вие сте Дедо Мраз!

Учителот нема потреба да брза, а и има моќ да кажува без да каже. Децата ќе пораснат и ќе ја сфатат магијата на семејниот Дедо Мраз. Ќе даруваат и ќе одговараат на прашањата за новогодишната бајка. Пред своите деца ќе одговараат и за сѐ што ќе кажат или направат…

Доаѓаат така некои години кај возрасните, кога почнуваат да се прашуваат постои ли Д.М. Тоа е поврзано со некаква партија, во чие име има некое Д како демократија и задолжително, најпатриотски се спомнува едно М. Како вистински Дедо Мраз, таа партија постои за да ги исполни скромните човечки желби, почнувајќи од обично вработување. И, ете:

-Да, постои Д.М.

-Иво ми рече дека тоа е секташка приказна.

-Не знам како тој  разбрал...

-Ама како влегува секаде, буквално секаде? Некои добија ајфон 7 и сѐ друго, но...

Не само по дома. Се дебатира насекаде. Како еден водач да ја преземе одговорноста и да ја каже вистината? Возможно ли е пред збунетите погледи полни со исчекување да признае:

-Секогаш кога даруваат оние кои заробуваат, тие се Д.М. Како оној кока-кола дедичко, вешто можат од нечии живот да направат живот во рекламна бајка.Кога дарувате време, енергија, достоинство и иднина за да влезете и останете во таа бајка, вие сте Д.М.

Како и да е, возрасните, особено оние кои мислат на децата кои уште не ја разбрале вистината за Дедо Мраз, ќе се откажат од Д.М. Ќе бидат избезумени од загадениот воздух, политичарите пациенти, учителките крстоносци, пијаните доктори... Ќе се одважат и ќе излезат од стадото, затоа што сегашниот страв е помалку страшен од иднината во страв. Ќе останат оние кои се исплашени од затворските решетки. За жал, ќе останат и оние на кои им е полесно да гледаат зло во измислените непријатели, отколку да го осудат реалното зло што го слушнаа и видоа. И нека останат! Заслужуваат да бидат токму таму кај што мислевме дека залутале затоа што имаа скромни човечки желби, па пишуваа писмо до Д.М. и го обожуваа Д. М.

Сите дуги знаат дека Дедо Мраз постои кога ти си Дедо Мраз за твоите деца. Не постои ако чекаш Д. М. да ти ги исполни желбите, додека ти се потценуваш -не можам, јас сум многу малечко и неспособно човече!

Елизабета Петровиќ

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД