„Демократија“: Коѕиас може да побара од Димитров да се сменат имиња кои се неприфатливи за Атина
Објавено во: Балкан 01 Септември, 2017
Грчкиот весник „Демократија“ пишува дека шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас може да побара од својот колега, Никола Димитров да се сменат некои имињата како името на аеродромот или на автопатот, кои се неприфатливи за Атина.
Весникот потсетува дека Коѕијас во Скопје не сакал да патува со авион за да не го легитимира името на аеродромот „Александар Велики“. Преименувањето на таквите објекти, според весникот, би било знак на добра волја од страна на Скопје за градење меѓусебна доверба.
„Таква акција не чини пари“- вели изворот на „Демократија“. Истиот извор вели дека македонската страна во досегашните разговори се правдала дека уривањето на споменици, како тие на Александар или на Филип, чинат многу пари.
Дипломатски извор за весникот вели дека во тој случај Коѕијас ќе им даде ветување дека, доколку решат таквите споменици да ги отстранат, Грција ќе помогне да се обезбедат пари за таа намена од фондови на Европската Унија.