19 Април, 2024
0.0262

Демократијата не е само гласање на избори

Објавено во: Колумни 27 Јули, 2016

Добивај вести на Viber

Навистина е тешко и проблематично да се дефинира современиот модел на демократија. Но, сепак во теоријата има еден консензус – демократијата не се исцрпува само во мнозинските гласови добиени на избори. Попрецизно, демократијата не е исклучиво мнозинската одлука на избори. Сведувањето на демократијата исклучиво на мнозинската одлука на избори, често во пракса завршува анти-демократски.

Но сепак, во демократијата се гласа, и гласањето треба да важи. Мнозинството сепак ја носи конечната одлука. Народот одлучува, зарем не!? Но, самиот факт дека сите учествуваат на гласање, значи дека сите учествуваат во судбината на заедницата – и оние што го дале гласот за и оние што го дале гласот против мнозинската одлука. Таа партиципативност на сите индивидуи во изборниот процес веќе значи дека никој не може да е индиферентен кон судбината на заедницата. Ова повлекува одговорност, како на политичките елити, така и на поединците како политички суштества.

На овие размислувања ме повлекоа последните случувања и ново потпишаниот политички договор помеѓу четирите политички партии, во кој се солгасуваат дека ќе го почитуваат претходно договореното. Патем, оваа драмолетка, има извесна логичка грешка на „вечно враќање наназад“ (regresusadinfinitum). Се договараме нешто, потоа седнуваме пак да се договориме, дека договореното ќе го почитуваме...што значи утре може пак да седнеме, да се договориме, дека ќе го почитуваме (по трет пат), тоа што сме договориле вториот пат, имено да го почитуваме првично договореното. И така во недоглед. Но, нејсе, тоа е дел од политичкиот циркус, нас не интересира политичката порака што со тоа се праќа. А имено, дека политичкото е секогаш партиско. И особено, дека е само и исклучиво мнозинско.

Е сега, на фонот на првично изнесените ставови за демократијата може да се анализира исходот од барањата на „Шарената револуција“. Имено, не бадијала тие инсистираа, помеѓу другите работи, на активно вклучување на граѓанскиот сектор во носењето одлуки и решенија. Со „племенскиот договор“, неповратно се загуби инвестицијата создадена од протестирачката култура и граѓанскиот активизам. И тоа мора да се потенцира и секако да падне на грбот на политичките партии. СДСМ не може да се изземе од одговорноста за тоа. Особено, затоа што заборави дека протестни бранови во земјата имаше далеку пред т.н. „бомби“, со кои тие всушност ја капитализираа сопствената позиција. Граѓаните и пред бомбите излегуваа на протести, бомбите беа само (зло)употребен адут во рацете на СДСМ, не во рацете на граѓаните, особено, што СДСМ со тие бомби – калкулираа; за своја политичка сметка, на грбот на портестното движење.

И сега, враќајќи се на првичните претпоставки, назначени на почетокот на оваа колумна, мораме да потенцираме и да ги охрабриме граѓаните – работата на партиите е да саботираат и (зло)употребуваат во нивна полза, работата на граѓаните е да притискаат: до каде можат и колку можат, а во секој случај, со сета сила. И особено, дека ништо не е засекогаш загубено. Во оваа прилика не се капитализираше таа инвестиција од протестното движење и граѓанскиот активизам, но во нашите глави еднаш засекогаш се разбуди политичкото суштество и демократскио капацитет, сфатен во погоре нотираната смисла – како чувство за заедништво.

Во заклучок може сосема слободно да се констатира, дека изминатите години, во нас се изградија и зацврстија демократските диспозиции, нешто што е неопходно за демократијата. Впрочем, таквите диспозиции нè чинат политички субјекти способни за учество во демократските процеси. На овие простори, заради разните околности во минатото (од Отоманската империја, до екс-Југославија), ние имаме изградено поданички менталитет, но и своевиден „политички фундаментализам“,според кој мислиме дека политичките одлуки во сопствената ни заедница „се врежани“ во камен, и особено дека не зависат од нас. Тешко разбиравме дека политичкото во својата суштина е „контингетно“, случајно и дека особено зависи од нас. Во последниве години, како да почнавме да разбираме дека востановената хиерархија, еднозначноста, хомогеноста, безусловноста...всушност не се такви, дека демократијата и политичкото воопшто, значат сосема спротивни нешта: плуралност, нееднозначност, неизвесност, хетерогеност, па дури и противречност и дека токму оттука извира силата на демосот.

Притисокот што го вршеа граѓаните и промената што со тоа ја направија, ги натераа за миг да помислат дека навистина тие се агент на промените. Дека во иднина демократските процеси ќе зреат затоа што се создадоа демократски граѓани кои сакаат да партиципираат во политичкото не само од избори на избори, ами во текот на сиот политички живот.

Така што, не очајувајте, со Пржино 2, граѓаните не загубија толку, колку што изгубија партиите. Особено, опозицијата, која не успеа да се надмине, да го фати чекорот на новиот граѓанин, да го чуе гласот на новиот „демос“ што се роди на улиците во овие две години, а што се калеше под суровата власт во последните десет години. Таа сметка таквите граѓани, многу бргу ќе ја испорачаат и за власта, но и за опозицијата.

Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок