28 Март, 2024
0.0259

Ден потоа

Објавено во: Колумни 01 Јуни, 2017

Добивај вести на Viber

Ете, дојде и тој ден – Груевски и ВМРО-ДПМНЕ заминаа во опозиција, а Македонија доби нова влада на чело со Зоран Заев. И после скоро година јас решив повторно да се огласам по тој повод. На радост на читателите што ме следеле. И ова не е суетно, ни малку. Дека ќе се радуваат тие што ги почитувале и позитивно вреднувале моите читанија, нема потреба од аргументација, додека оние што не ги сакале и почитувале истите, исто така имаат причина за радост, затоа што низ полемика со нив ќе можат да ги избрусат сопствените ставови, па и да го артикулураат не само сопственото несогласување, ами и сопствениот гнев. 

Најпрвин, дозволете ми да ви се извинам за тоа што оваа колумна ќе биде прилично лично интонирана, напати емотивна и несоодветно интимна. Оние кои до сега ги следеле моите колумни знаат дека тоа не беше мој манир, дека во нив секогаш имаше една доволна и лична и дневно-политичка дистанца која ми овозможуваше да ги анализирам теориски и стручно македонските политички збиднувања.

Како што можеби забележавте подолг период апстинирав со моите колумни и воопшто од јавноста. Причините се многу лични. Имено, како философ учев дека во најголемата врева паметно е да се молчи, а додека пак, кога сите молчат треба да се вреви. И токму така се однесував. Пред 4-5 години започнав интензивно да „вревам“ против политиките и манирот на владеење на вождот Груевски: преку социјалните мрежи, преку весници, интервјуа, телевизиски настапи, преку мојот скромен активизам, политички и се разбира преку овие колумни во „Фактор“. Сè до пред изборите кога беше извесно дека крајот е близу и дека кризата се движи кон разрешница. Во тие последни месеци од изборите до денес, беше прилично вжештено и особено какафонично. Сите вревеа. Затоа јас решив да замолкнам. Сметав дека доволно вревев во месеците и годините пред тоа, кога многумина молчеа. А еве, ден по изборот на новата влада решив да кажам збор-два. Да порачам.

Да кажам дека во изминатите години на авторитарецот Груевски се изнагледавме и доживеавме сешто. Многумина ги имаат моите искуства, а некои и далеку полоши. Бев заплашуван, уценуван, добивав закани од разни страни и на разни начини. За некои подметнувања не бев дури ни свесен веднаш, ами дури после долго време откако ќе сфатев дека некој може да е толку подмолен. Трпев последици не само јас, туку и моите ближни. Мојата сопруга беше шиканирана, прераспределувана и деградирана, преку браќа, сестри, мајки, татковци, роднини, пријатели, праќаа разни абери, бараа да „се опаметам“, „блиски“ пријатели „ме советуваа, пријателски“... Но, сите едно не знаеја - дека не постои авторитет пред кој ќе ги положам двете нешта што најмногу ми значат во животот: слободата и достоинството. И од оваа перспектива гледам дека сум бил во право: да, можеби загубив позиции, или не стекнав можни, загубив дополнителни професионални, општествени ангажмани, бев маргинализиран и шиканиран, секако загубив и пари и нерви и трпение, но она што цел живот го почитувам само го зголемив – слободата и достоинството. Не постои нешто за што би можел да се откажам од слободата и достоинството, драги мои, не би ги положил пред нозете на било каков авторитет или институција, па макар и животот да ми зависи од тоа. Оти што ќе ти е живот без слобода. Слободата значи дека си жив, да си жив, значи да си слободно суштество!

И токму во оваа насока би била мојата порака до новата ни влада. Слободата и достоинството се предуслов за личен, но и за општествен развој. Не постои општество на светот што е авторитарно, тоталитарно, а да е економски развиено и просперитетно. На ниво на законитост е овој однос: услов за динамичен економски развој и просперитет е слободата. Слободите и правата се предуслов за економско развиено и просперитетно општество. Не можете од неслободни, уплашени, недостоинствени поединци да барате да се одважат и да го остварат својот потенцијал. Тоа беше клучниот камен на сопнување на ДПМНЕ. Од една страна бараа од луѓето да се одважат, да бидат самоиницијативни, претприемчиви...снимија сто реклами за поттикнување на бизнис климата, пропагираа...од друга страна заплашуваа, рекетираа, уценуваа. Не разбравте, драги ВМРО-вчиња, дека не можете да очекувате голем бизнисмен, голем претприемач, голем професор, голем доктор, голем научник, од мали луѓе. Вие сакавте да создадете мали луѓе. И вие ги создававте, трениравте и одржувавте. И од таков очекувавте големи дела. Тоа е апсурдот што не го гледавте. Впрочем, го гледавте, но тоа беше единствениот начин вие да се чувствувате големи, о вие мали, човечиња.

Затоа, единствената и најважната порака до новите властодржци би била едноставна - вратете им ја слободата и достоинството на луѓето. Тоа е единствениот сигурен пат за личен, но и проспретитет на заедницата. Нека цвета слободата оти само таа ќе ја изроди и самоиницијативноста и одважноста. А само таква одважност, таква „дрскост“ може да донесе иницијатива за промени. Не плашете се од храбрите, негувајте ги и особено - не ги спречувајте во личните подвизи. Знајте дека законите, системот, институциите...се тука за луѓето, за човекот, за поединецот, а не обратно. Дека ниту еден поединец не смее да страда низ лавиринтите на институциите и законите. Не држете се „ко слеп за плот“ за правилата и законите, по цена да го загушите поединцот и неговата самоиницијативност, но од друга страна, не ги (зло)употребувајте законите за лична самопромоција и реваншизам.Оставете иницијативите да течат одоздола нагоре, не одозгора надолу.Слушајте, не престанувајте да слушате што имаме да ви кажеме! Бидете кооперативни и земете ги предвид сите засегнати страни. Бидете инклузивни и отворени. И уште многу други нешта, но над сè и пред сè, уште еднаш и уште еднаш – слободата и достоинството се важни, не се осмелувајте уште еднаш да им ги земете на луѓето.

Оти и јас и многумина и поумни и похрабри од мене повторно се спремни да си ги вратат назад.

Доц. д-р Стојанов Трајче

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?