20 Април, 2024
0.0254

Директорот положи англиски, ќе добијат ли денеска земјоделците пари?

Објавено во: Агробизнис 28 Март, 2017

Добивај вести на Viber

Денеска се очекува да продолжи исплатата на субвенциите за земјоделство која неколку месеци е стопирана. Вака вчера најави новиот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Игор Златков. Но, прво ќе се исплаќаат субвенциите по однос на заостанати обврски од 2015 година, па потоа субвенциите за 2016 година. Ова значи дека и покрај тврдењата на владата дека навреме се вршат исплатите на субвенциите, сегашната информација покажува дека 2015 година сеуште не е расчистена. Исплатата на субвенциите се врши во две календарски години. Така исплатата на субвенциите за 2015 година според календарот за исплата требало да заврши лани на крајот на јуни.

„Со ова се признава она што ни секоја година го кажуваме дека доцни исплатата на субвенции и ние не ги добиваме во периодот кога ни се најпотребни. Мислам дека и се при распределбата не се има водено многу сметка на кои земјоделци им се најпотребни субвенциите, но нека почне исплатата па ќе видеме“, вели Ристо Велков од Сојузот на синдикати на Македонија.

Досега од земјоделските здруженија на актуелната влада и дадоа неколку рокови за да најде начин како да продолжи исплатата на субвенциите. Иако пред две недели најавија дека ќе протестираат, минатата недела се предомислија и одлучија да почекаат, да се официјализира новиот директор на агенцијата Златков. Но и неговата официјализација се пролонгираше оти се чекаше да го положи испитот по англиски јазик и да го добие потребниот сертификат кој беше неопходен за да може да стане директор на Платежната агенција. Од земјоделските здруженија велат дека ќе почекаат да видат што ќе се случи неделава, па потоа ако има потреба ќе реагираат.

Според најавите од новиот директор Златков, прво ќе се исплаќаат субвенциите за млеко, жито и градинарски култури. Земјоделците велат дека голем дел од нив новата производствена сезона ја почнале без пари, очекуваат доцнењето на субвенциите да влијае врз намалување на производство но и влошување на стандрадот на земјоделците.

„И претходните години имаше проблеми, но оваа година очекувам да бидат поголеми, особено што се доцни со субвенциите. Луѓето се пофготвуваат за новата реколта, се подготвува почвата, се купува семенски материјал, ни се црпат сите резерви, земјоделците ќе станат уште посиромашни. Од друга страна субвенциите, донаците и грантовите не одат во рацете на вистинскиот земјоделец. Сè е корумпирано и во една мрежа. Земјоделците се на раб на откажување и сакаат да бараат друг излез“, вели Весна Јаневска, земјоделец од Росоман.

Исплатата на субвенциите е стопирана околу шест месеци, бидејќи според Изборниот законик не може да се врши исплата се до формирање на нова влада. Неодамна антикорупциската комисија на барање на министерството за земјоделство даде позитивно мислење дека исплатата може да продолжи. За земјоделците е нејасно зошто порано не се побара мислењето од антикорупциска за да се исплатат субвенциите во периодот кога им се најпотребни.Дополнително по добивањето на позитивното мислење од антикорупциска, исплатата се пролонгираше поради директорските смени во Платежната агенција. По заминувањето на Билјана Вуковиќ, за директор беше назначен Влатко Стојкоски од кабинетот на државниот секретар во Министерството за одбрана. Но тој на оваа позиција остана само пет дена, потоа се бараше нов човек, и одлуката падна на сегашниот Игор Златков. Но и кога се чинеше дека се е завршено, Златков немаше сертификат за познавање на англиски јазик, па се чекаше да го добие уште овој документ за да може да го депонира потписот во Централниот регистар и да ги потпише налозите за исплата на субвенциите.

Според податоците од Платежната агенција, од вкупната сума за субвенции за 2016 година во износ од 89,7 милиони евра, до октомври се исплатени околу 34 милиони евра од кои најголемиот дел се за 2015 година, а мал дел се за 2016 година. Субвенции добиле дел од лозарите и оризопроизводителите, а останатите треба да добијат до последниот рок за исплата односно  30 јуни. Државата им ги должи на земјоделците дел од субвенциите за 2015 година и речиси сите за 2016 година.За оваа 2017 година се планирани 99,4 милиони еврасубвенции. Но, дури 44,3 милиони евра, ќе бидат за заостанати исплати од претходните години. Податоците од „Националната стратегија за развој на земјоделството 2014-2020 година“, покажуваат дека освен во 2008 и во 2009 година кога целата планирана сума била исплатена, во годините подоцна реализацијата е за околу 30 отсто помала во однос на планот.

Т.С


Можеби ќе ве интересира

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари