24 Април, 2024
0.2098

Досие Даравелски: Царинскиот бос кој се одметна од државата!

Објавено во: Анализа 10 Ноември, 2012

Добивај вести на Viber

Кумановецот Драган Даравелски е еден од ретките функционери во независна Македонија осуден со правосилна судска пресуда дека проневерил 2,5 милиони евра, додека беше директор на Царинската управа во периодот 1999-2002 година. Почетоците Истрагите против него започнаа веднаш по промената на власта во 2002 година. Набргу потоа му беа поднесени неколку кривични пријави за злоупотреба на службената должност и овластувања по разни основи, а меѓу нив најтешката е за неуплатување на приходите од царините во Буџетот на државата и за отуѓување возила, сопственост на Царината, на други институции. По ваквите обвинувања и по почнувањето истражна постапка против него, тој се одметна од државава. По неколку години се дозна дека неговото ново живеалиште е Белград, Србија. По заедничка акција на македонската и српската полиција тој во во 2006 година беше уапсен, но додека чекаше во екстрадиционен притвор да биде донесен во земјава, која го бараше со потерница, успеа на мистериозно брз начин да се стекне со српски пасош и со тоа да си го продолжи животот на слободата. Осуден во отсуство Сепак, и во негово отсуство започна судскиот процес и финишираше пролетта 2007 година. Даравелски беше осуден на 7 години затвор и беше наредена конфискација на негов имот во вредност на штетата што ја направил на државата. Откако завршија сите жалбени процедури и отсранети сите правни пречки, во 2010 година државата започна да го запленува имотот што успеваше да го детектира. Меѓу нив се и луксузниот стан во Скопје и дуќанот во Куманово, вредни околу 200.000 евра,  за кои владата деновиве донела одлука да ги продаде. Освен имот на негово име, беше запленет и имот зад кој формално стојат други лица, но државата успеа да ги доведе во корелација со Даравелски. Најважниот од нив е црногорецот Миодраг Марковиќ, чија вила на Водно вредна 1,4 милиони евра исто така ќе  биде дадена на продажба. Тој е осуден и одлежува затворска казна во Идризово за перење пари во висина од 8 милиони евра. За да си наплати дел од овие пари, државата во 2010 година ги конфискуваше сите акции од неговата фирма „Скотиха“, вредни 2 милиони евра. Највредни акции од компаниите поврзани со Даравелски се конфискувани од скопска „Југоопрема“ - 690.000 евра и од кумановската фабрика за тули „КИК“- 653.000 евра. Уште три компании останале без неговиот удел, „Козјак“, „Трготекстил“ од Скопје и ЗИК „Скачковце“ од Куманово. Најзначајните запленети акции беа во две банки. Околу половина милион евра акции или речиси 7,5 % од вредноста на ИК Банка и 2,5 проценти од акциите во СТАТЕР банка од Куманово, вредни 250.000 евра. За Даравелски и Марковиќ во тек е и постапката за имотот на „Бисерка Куманово“, фирма која поседува два хотела, три ресторана и фабрика за минерална вода. Полицијата во 2010 година им поднесе кривична пријава под сомнение дека на криминален начин ја приватизирале фирмата, а проневерата на Даравелски во случајот е проценета на 20 милиони евра. Даравелски ќе биде екстрадиран!? И покрај конфискациите и кривичниот прогон, упатените велат дека Даравелски се уште е многу богат човек, а многу од неговите далавери не се откриени и веројатно никогаш нема ни да бидат. Колку имот има во Србија  каде што претстојува веќе цела деценија никој не знае, но затоа се уште се доведува во корелација со многу фирми во земјава. Од нив, освен кумановска „Бисерка“, највредна се смета скопската „Трготекстил“, која располага со илјадници квадратни метри деловен простор во ГТЦ и центарот на Скопје. На нејзино чело, според податоците од Комисијата за хартии од вредност, е кумановката Викторија Џимвревска, за која се говори дека е невенчана сопруга на Даравелски. Порталот „Буревесник“ неодамна излезе со тврдење дека во сопственост на Даравелски се и кумановските фирми НАМА, Козјак, ТВ Нова и скопските ИТЗ Центар, Југоопрема и неколку други помали. Каква ќе биде нивната судбина се уште не е јасно, но се чини дека кругот околу Даравелски се стега и тој наскоро може да се соочи и со вториот дел од пресудата и да заврши зад решетки. Лани, под притисок на Европската унија, Македонија и Србија потпишаа спогодба за ектрадиција на осомничени за тешки кривични дела, а многумина во него препознаа создавање на терен за враќање на Даравелски во Македонија. Таквата можност ја најави уште тогаш српскиот амбасадор во земјава, а денес со новата српска влада која најави жестока борба со криминалот и корупцијата таа лесно може да стане реалност. Како и да е, доколку биде есктрадиран, за него веројатно ќе има ново судење, бидејќи во првото е осуден во отсуство.   М.Г.