23 Јуни, 2017
0.1068

Досие Светозар Јаневски: Кралот на пијалоците

Објавено во: Анализа 07 Април, 2017

Светозар Јаневски е еден од најуспешните македонски бизнисмени кој уште од периодот на транзитните 90-ти па се до денес успева да ја одржи својата моќна позиција, а со текот на времето и да ја зајакне. Последна вест е дека М6 групацијата во која тој е еден од главните инвеститори ќе ја земе под закуп „Белградската индустрија на пиво“ која располага со квалитетни пивски брендови и многу други производи, со што повторно Јаневски може да го врати епитетот крал на пијалоците.

Од скромни почетоци до директор на Скопска Пивара

Светозар Јаневски ретко дава изјави за медиумите, но секогаш е многу горд на своите скромни почетоци за кои вели дека најпрво истоварал вреќи со брашно за потоа да напредува во раководните функции на Скопска Пивара во 1985-та. Токму овој вреден македонски бренд успешно беше приватизиран кон средината на 90-тите години за потоа да прерасне во доста моќен играч на пазарот со капитал кој тежеше десетици милиони евра. Најмногу се истакнуваше соработката со светски познатите Хајнекен и Кока-Кола. Сепак, препознатливиот директор на „Пивара“ не се реши да остане вечно во оваа компанија, па наместо тоа донесе одлука да го продаде сопственичкиот удел и целосно да се посвети на еден друг вид на алкохол.

Винарска визба Тиквеш

Светозар Јаневски повторно си обезбеди моќна положба на пазарот откако преку М6 групацијата ја презедоа Винарската визба Тиквеш во која сега располагаат со над 80% од сопственоста. Тиквеш успешно се пласира и на интернационалниот пазар со висококвалитени вина кои често добиваат врвни признанија на светските саеми и натпревари, а извозот е на задоволително ниво со неколку доста скапи вина.

Војната со министерот Поповски

Светозар Јаневски во изминатите две декади многу ретко јавно влегуваше во политички полемики, уште помалку пак во директни судири со македонските политичари, но во 2005 добро запаметена ќе остане „војната“ со Никола Попоски, тогашен министер за финансии во владата на СДСМ.

Тогаш Попоски ги обвини М6 дека не го исплатиле застарениот долг кон државата кој изнесувал околу половина милиони денари и дека на тој начин министерството го одржувало работењето на групацијата. М6 возврати дека незаконски им била блокирана сметката и покрај тоа што на увид ја дале целосната финансиска документација и понудиле соодветен начин на сервисирање на долгот и се закани дека ќе поведе судска постапка за блокирањето. М6 преку Берза го купи доминантниот пакет­ акции од ВВ "Тиквеш" за што плати вкупно 3,4 милиони евра ­ трипати повеќе од почетната цена на акциите.

Што ископа „Фаланга 2“

Името на Светозар Јаневски беше вмешано во судскиот случај за незаконско ископување и трговија со артефакти. Давид Шекуларац кој беше второ осомничен во овој случај, приведен во Германија, а подоцна и ослободен без да биде екстрадиран во Македонија за медиумите ја прошири теоријата дека обвининието му е „наместено“ со цел да не биде вратен долгот вреден 7 милиони евра кој датира од стариот агрокомбинат Тиквеш. Наводно бизнисменот Светозар Јаневски ја користел својата позиција на моќ за да се поведе постапка против Шекуларац и на тој начин да не се исплати долгот за кој се водел и судски процес од 2010-та и кој стигнал до Апелација. Од М6 групацијата ги негираа ваквите теории наведувајќи дека Тиквеш го презеле во 2003 и биле расчистени сите долгови на компанијата, но тие не биле одговорни за барањата на Шекуларац.

„Тивкиот“ излез од Пивара

Во 2004-та Свето Јаневски по речиси 20 години се повлече и од челната позиција во Пивара, а со него си замина и целиот менаџерски тим кој беше наследен од нов борд на директори. Од тогаш почнува да фигурира и името М6 групација. По повлекувањето од директорското место не требаше да помине ни долго време за целосно повлекување и од сопствеништвото. Според Светозар Јаневски главниот мотив за напуштање на сопствеништвото во Скопска Пивара, но и воопшто на компанијата биле честите притисоци од страна на финансиските власти кои во текот на сите 15 години од самите почетоци вршеле ригорозни инспекции само со цел да најдат нешто со кое би ја казниле фирмата или би извршиле влијание. Состојбата од 90-тите не се разликувале премногу и подоцна кога била донесена конечната одлука за продажба на мнозинскиот пакет на акции на М6 од Пивара во 2011-та.

„Мекдоналдс“ отиде на гладно срце

Синџирот на ресторани Мекдоналдс кој беше исто така во сопственост на Светозар Јаневски во 2013-та беше целосно затворен. Ова може да се смета за еден од најголемите порази во империјата на Јаневски, а точните причини македонската јавност никогаш не ги доби целосно. Постоеја различни шпекулации за внатрешни проблеми во менаџирањето на компанијата „СЈ“ што довело до големи загуби, а потоа и централата на Мекдоналдс ја прекина франшизата или поточно кажано лиценцата за користење на брендот. Седумте ресторани McDonalds беа затворени на 14 мај по прекинувањето на 15-годишниот договор за франшиза и 6-те милиони долари кои беа инвестирани. И покрај обидите да се врати франшизата Македонија и натаму е една од ретките европски земји без Мекдоналдс ресторан.

Хотели

Во 2003 година М6 преговараше со светскиот ланец на хотели Радисон САС кој беше заинтересиран за купување на охридскиот хотел Палас. Преговорите завршија неуспешно поради нерешени имотно правни односи со локалното население. Покрај хотелот Палас, во Охрид зад името на Јаневски стојат и хотелот "Десарет", Синдикалното одморалиште, "Славија" и "Летница" преку неговите инвестиции.

Менаџер на столетието

Светозар Јаневски е добитник и на меѓународната награда „Креатори за столетијата“ за животно дело во претприемништвото. Престижната награда која ја добиваат најзаслужните за развојот на претприемништвото во Југоисточна Европа му беше доделена во рамките на самитот на претприемачите од регионот  - „300 Најдобри“.

„Отсекогаш цврсто сум верувал дека луѓето и нивниот професионален развој и мотивација се клучниот фактор за успехот на компанијата. Работата со нив, инвестициите во нивното професионално надградување, градење на вештини, изложување на најновите трендови се од огромно значење за создавање кадри кои ќе го носат и развиваат претприемачкиот дух. Уште поважно е тие луѓе да ги охрабрите да донесуваат одлуки, да размислуваат отворено и да не се плашат да преземат иницијатива и ризик“, говореше Јаневски во 2015-та кога ја доби наградата.

Пред себе има уште еден голем предизвик, а тоа е да го преземе хрватски „Бадел“ и во своето кралство на пијалоци да ги додаде и „жестоките“.

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

Што ако пукне балонот на биткоинот?

Што ако пукне балонот на биткоинот?