Државните институции со скриен долг од 22 милијарди денари-Охрид, Тетово и Карпош со најголеми долгови
Објавено во: Економија 20 Јули, 2017
22 милијарди денари или 363 милиони евра .
Ова е сумата на скриените неплатени обврски кои ги има државата а за кои денеска јавноста беше информирана од новиот финансиски министер Тевдовски.
Неплатените обврски на буџетските корисници изнесуваат 5,1 милијарди денари, на фондовите – 30 милиони денари и на локалните установи финансирани преку блок-дотации – 833 милиони денари
Овие бројки не влегуваат во вкупниот јавен долг на државата, туку станува збор за преземени неплатени обврски, соопшти министерот кој посочи дека најголем долг има во областа на културата, во износ од 2,4 милијарда денари. Таму неплатените обврски се за изградбата на салата на Филхармонија, Драмски театар, објектот на Музеј „Мајка Тереза“ и театарот во Велес.
Неплатените обврски на јавните здравствени установи, изнесуваат 3,2 милијарда денари. Најголеми се долговите на Институтот за трансфузиона медицина (283 милиони денари), Градска болница „8 Септември“ (226 милиони денари), Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ (201 милиони денари).
„Јавните претпријатија имаат неплатени обврски во износ од 6 милијарди денари. Најголеми се во „МЖ Транспорт“, која должи 2,439 милиони денари, МЕПСО (977 милиони денари) и „Македонија пат“ (779 милиони денари), која должи врз основа на неплатен данок“, додаде Тевдовски.
Што се однесува до долговите на општините најголем должник е Охрид.
4,6 милијарди денари изнесуваат неплатените обврски на општините од кои Охрид должи 719 милиони денари, Општина Тетово - 499 милиони денари и Општина Карпош - 476 милиони денари.
„Дозволете да ја информирам јавноста дека Министерството за финансии во моментов договара со Светска банка проект за справување со овие обврски и развивање на механизми за нивно спречување во иднина.
Дополнително, Министерството за финансии започна да се подготвува за надоградба на софтверот со цел неплатените обврски да бидат систематски евидентирани, односно, да може да се гледаат во реално време“, посочи на крај министерот.