19 Април, 2024
0.0276

Дури и Стинг да пее за Македонија на Евровизија, ќе биде бадијала?

Објавено во: Анализа, Стил 30 Декември, 2012

Добивај вести на Viber

Пласманите на Македонците досега низ овие 15 години на Евровизија, велат дека можеби треба да размислиме каде е нашата грешка кога е во прашање овој музички натпревар. Се сомневам дека и Стинг би бил доволно влијателен за да избори едноцифрен пласман на овој фестивал ако ја преставува Македонија. Па затоа, треба ли Македонија пак да троши пари на овој фестивал? Рака на срце, изборот е одличен. Есма е пејач од врвен калибар, светски препознатлива по својата специфична интерпетација и фантастичниот вокал. Лозано е млад, но доволно докажан дека има потенцијал кој ветува. Сепак, дали наместо да ги втурнеме таму, не ќе е подобро и на двајцата да им спакуваме по еден одличен македонски албум кој ќе го промовираме не само дома, туку и надвор, со концертна турнеја. Така сите ќе се потсетат дека оваа земја навистина е пребогата музички, па затоа заслужува многу повеќе од исплуканиот евровизиски фестивал. Во време на економска криза многу земји годинава решија да штедат, па токму поради тоа се откажаа од учество на Евровизија. Портогугалија, Грција, Турција, Кипар, Словачка, па дури и Босна и Херцеговина, годинава кажаа не за евровизиската сцена во Малме. Во нивните соопштенија наведоа дека партиципацијата од 100 илјади евра едноставно е преголем трошок во време на економска криза. Шефицата на делегацијата на Босна и Херцеговина, Лејла А. Бабовиќ, смета дека тоа се многу пари, кои би можеле да ги искористат за вложување во некој поконкретен проект. Ние не се откажуваме. И покрај тоа што знаеме дека шансите ни се само во вториот дел од рејтингот на учесниците. И покрај тоа што земјава е во економска, но и музичка криза. И покрај тоа што поголемиот дел од Македонците го сметаат овој фестивал за недостоен, ние продолжуваме да го дружиме, по секоја цена. Македонија не се откажува, дури ни поради партиципацијата од 100 илјади евра Македонската Радио Телевизија како полноправна членка на Европската Радиодифузна Унија, донесе одлука со која се дефинира  учеството на Македонија  на претстојното 58-то издание на најголемиот меѓународен музички фестивал во Европа – ИЗБОР ЗА ПЕСНА НА ЕВРОВИЗИЈА  кој ќе се одржи од 14-18 мај 2013, во Малме, Шведска. Според сопствените ингеренции кои што ни ги дава ЕБУ за избор, односно определување на национален претставник на овој музички натпревар, МРТ одлучи оваа година, како претставници на Македонија, честа да им припадне на две реномирани имиња од македонската музичка сцена – Кралицата на ромската песна во светски рамки Есма Реџепова Теодосиевска и нашата поп ѕвезда Влатко Лозановски-Лозано. Со овој необичен спој на искуство и младост, МРТ верува дека ќе ја постигне единствената посакувана  цел – достојно претставување на Македонија пред европската и светска  културна јавност . Зошто Македонија има потреба од учество на овој фестивал? Македонија првиот обид за самостојно учество на Евровизија го прави во 96 година со Калиопи. Овој обид завршува како неуспешна мисија.Таа победува на скопскиот фестивал со песната Само ти. Калиопи не ги мина претквалификациите, поточно жирито смета дека не е доволно квалитетна, па не обезбедува пласман за влез во официјалната вечер на Евросонгот кој се одржуваше во Норвешката престолнина Осло. Каролина која двапати достојно не преставуваше, смета дека не би сакала по трет пат да се појави на Евровизиската сцена. За разлика од неа, Некст тајм, Калиопи, Тамара, немаат ништо против, уште еднаш да го почувствуваат вкусот на целото тоа шоу. Скандалите на евровизиските сцени, но и дома, редовно пропратно шоу Првото македонско преставување на Евровизија се случува на 43то фестивалско издание. Во Лондон, Скопскиот фестивал 98та го испраќа Владо Јаневски. Од овој фестивал почнуваат и драматичните, скандалозни и одлучувачки  игри кои не стивнуваат. Изборите за македонските преставници, речиси секогаш се проследени со скандали, непријатности, па некако по правило ни пласманот на евровизиските сцени не ни е по волја. Да бидеме искрени, не беше интересно само при донесувањето на одлуката во Скопје кој ќе ги брани боите на Македонија. И Евровизијата во глобални рамки веќе не е она што некогаш беше. Ако пред 20тина години учеството и победата на Евровизија значеа  лансирање на светското музичко небо и меѓународна слава, тоа веќе не е ни правило, а ни практика. Помина времето кога Аба, Селин Дион и многу други својата анонимност ја заменија со светска препознатливост благодарение на овој фестивал. Скандалите со телевоутинг измамите, техничките пропусти со матриците го уништија реномето на овој фестивал, па токму затоа многумина веќе евровизиската сцена не ја гледаат како место за свое соодветно преставување. Италија реши да не учествува се до ланската година, кога повторно ги отвори вратите за овој фестивал. Многу од земјите учеснички започнаа да праќааат аматери, некои испраќа премлади или превозрасни учесници, па дури се одеше и на варијантата-транвестити. Ова секако беа лоши сигнали кои дополнително го влошија имиџот на Евровизијата и нејзиното реноме. Па, наместо натпревар на песни, минатите неколку изданија исфрлија натпревар за сценски настап во кој беа вклучувани од магионичари до манекенки.  Музиката излезе од игра. На сцена секако останаа и задкулисните игри со сомнителните начини на гласање кои секогаш со доза на предвидливост влијаеа на конечната одлука за победниците. Пласманите-мерка за недоволен музички квалитет или пак лошо македонско претставување И по 15 години учествување на Евровизија, Македонија сеуште не може да се пофали со добар фестивалски рејтинг, иако проба буквално се. Србите, Хрватите, па дури и Босна и Црна Гора покажа поголема умешност во водењето на конците од нас. Ние се обидовме секако. Испративме цела војска пеачи, ама се некако за џабе. Нашиот пласман никако да ја надмине двоцифреноста во крајната табела. Сето ова не носи до прашањето: Чуму ни е Евровизија? Ако е за пласман, мора да си признаме дека не сме најумешни во битката за гласови. Ако е за докажување, сите наши преставници беа квалитетни, дел од нив дури и колку една Марија Шерифовиќ. Е сега, кога неа веќе ја споменувам, ми лебди во воздух прашањето дали овојпат ќе им се допаднеме на луѓето од геј популацијата, кои важат за најголемиот лобист на Евровизија? Ако е за трошење пари, не е ли посоодветно тие пари да им се платат на македонските композитори да направат неколку вонсериски, добри македонски музички десерти, оти одамна ги нема на македоската музичка трпеза. Таа последниов период стана многу сиромашна, а не попусто се вели дека идентитетот на една нација е во криза, тогаш кога музиката на тој народ ќе престане да свири. Затоа, јас сите ве прашувам дали сте за македонска квалитетна музика, за да го кренеме нашиот дух или да трошиме пари на едно шоу во кое, секоја чест на Есма и извонредниот Лозано, нема да успееме да направиме никакво музичко поместување за Македонија. А богами, да бидеме искрени, и  победа ни е вишок. Еден буџет едвај донесовме до крај, па се плашам и да помислам како ќе се снаоѓаме со пронаоѓање на пари за организација на Евровизија тука во Македонија. Виолета Ристоска

Можеби ќе ве интересира

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!