Еди Рама со нова „смарт кежуал“ варијанта пред балканските премиери
Објавено во: Балкан 12 Јули, 2017
Албанскиот премиер Еди Рама повторно е во фокусот на вниманието на регионалниот самит на ЕУ кој се одржува во Трст, Италија но, не за политичките пораки кои ги пренесе туку повеќе за неговиот необичен стил. Овој пат, Рама се потруди да облече костум, но својата уникатност ја прикажа со белите спортски патики кои не доликуваат на средба со највисоки државни функционери каде сепак, мора да се почитува одреден дрес код.
Премиерите на Македонија и на Албанија, Заев и Рама потоа остварија средба на која оцениле дека добрососедските односи меѓу двете земји се во насока на стабилен и безбеден регион со евро-атлантски перспективи.
Двајцата премиери изразиле определеност кон конструктивни политики што се во интерес на граѓаните на двете земји, наспроти деструктивниот национализам којшто дели и оди на штета на граѓаните.
– Нема тензии меѓу нас на ниво на држави. Имаше некои внатрешни политички тензии и зголемена, дури и скандалозна реторика во Македонија, за што не сакам да коментирам. Едноставно е, колку Македонија е посилна, подемократска и поуспешна, толку посилна и подобра е Албанија. Бидејќи во Македонија живеат Албанци кои се државотворен народ и колку се тие подобри, толку сме и ние и нашата заедничка иднина – изјави Рама.
Премиерот Рама најавил поддршка на Пустец со инвестиции, што ќе придонесат за развој на оваа општина во којашто живеат граѓани од Македонија. Премиерот Заев го објаснил концептот Едно општество за сите, зад којшто стои новата реформска Влада на Македонија и којшто обезбедува квалитетен живот и правда за сите граѓани.