Според Дачиќ една држава го повлече признавањето на Косово, Приштина негира
Објавено во: Балкан 31 Октомври, 2017
Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ изјави дека Суринам ја повлекол одлуката за признавање на независноста на Косово.
Тој вели дека добил известување за тоа од Министерството за надворешни работи на таа земја „по долготрајна работа и многу разговори“.
„Нотата за повлекување на одлуката и признавањето на независноста на Косово пристигна на 30 октомври. Оваа одлука покажува дека мора да се истрае, да се разговара со сите, ако мислиме Косово да биде национален интерес“ - кажа Дачиќ.
Министерот рече и дека до август 2012 година над 80 земји ја признале „државата Косово“, а за време на неговиот мандат „само пет“.
Како одговор на изјавата на Дачиќ, советникот на министерот за надворешни работи на Косово Беџет Пацоли, Јетљир Зумберај кажа дека станува збор за клевета.
„Повлекување на признавање не постои како концепт во меѓународното право. Сето тоа е клевета, а Дачиќ е шарлатан“- вели Зумберај.
Суринам го призна Косово на 8 јуни минатата година.